Доколку ги поддржувате предлозите за изедначен основен приход, наскоро ќе имате можност да бидете дел од ваква иницијатива.
Нова апликација наречена „Комингл“ (Comingle) функционира на тој начин што сите членови придонесуваат процент од нивната заработка за заеднички фонд кој потоа се дели на еднакви делови на сите членови. Оние што заработуваат помалку добиваат повеќе, а оние со поголеми примања придонесуваат повеќе за сите да имаат еднаква заработка. Од членовите се бара да придонесат 7% од нивната заработка.
Основачите на „Комингл“, Конрад Шо и Џош Ворт, се надеваат дека придобивката од помагањето на другите ќе биде доволна мотивација за оние со поголеми примања да ја користат
апликацијата. Секако, овие лица може да добијат доколку некогаш во иднина имаат финансиски проблеми.
Според Шо, апликацијата се заснова на солидарност и инклузивност. За да се вклучите во иницијативата, не треба да имате редовна плата бидејќи минималниот придонес изнесува 2 долари, а на оние што не се вработени ќе им се одземат овие 2 долари од идните наплати.
Фото: Pixabay
Ворт објаснува дека апликацијата може да биде добра за оние што работат хонорарно бидејќи со неа ќе добиваат редовни исплати, дури и во периодите кога не работат на проекти. Сè уште не е познато колкава е сумата што ќе ја добиваат сите членови на „Комингл“ бидејќи таа сума зависи од бројот на луѓе што ќе се приклучат и ќе придонесат во фондот. Сепак, апликацијата нема да исплаќа повеќе од 15.000 долари годишно.
Апликацијата ќе заработува и ќе се одржува со задржување 1% или 2% од фондот, а секој вработен во апликацијата ќе биде и нејзин член и ќе придонесува во фондот.
Апликацијата сè уште не е пуштена во употреба, но заинтересираните лица може да се пријават
овде и ќе бидат известени кога ќе почне да работи. Се планира пуштање на пробна верзија следниот месец, а официјалното започнување ќе следува неколку недели подоцна. На почетокот апликацијата ќе биде достапна само во САД, а подоцна се планира проширување и во други земји.
Автор: Кристин Тусен
Извор:
fastcompany.com