Речиси е извесно дека доминацијата на англискиот јазик ќе продолжи и во иднина, но значајно е прашањето колку долго и од што зависи тоа? Голем број земји во светот го користат англискиот јазик како официјален, затоа не е зачудувачки зошто луѓето сакаат да го научат. Тој е службен јазик во ЕУ, ОН, НАТО и многу други организации, а и поединечни држави го сметаат за свој втор државен јазик.
Експертите тврдат дека како едни од најважните фактори за востановување на водечки светски јазици се земаат предвид економската и политичката развиеност, но и многубројни социо-економски и биолошки промени на одредена земја. Па, според таа логика, земјите како Русија, Индија, Германија, Франција и сл. ќе го зголемат трендот на учење на нивните официјални јазици.
Во продолжение ви ги претставуваме десетте јазици на иднината, гледано од аспект на различните културолошки, политички, социо-економски и географски чинители.
1. Шпански јазик
Шпанскиот јазик денес го зазема првото место според желбата за учење на луѓето. Таквата улога претходно ја имал англискиот јазик. Со развојот на економијата, а со самото тоа и на паричните текови, се зголемува бројот на луѓе што сакаат да учат шпански. Тој се наоѓа на врвот на најпреведувани јазици, а сето тоа оди во прилог на неговата огромна популарност.
2. Англиски јазик
Англискиот секако е најраспространетиот јазик во светот, бидејќи е неопходен во секојдневните активности, особено затоа што вклучуваат работа на компјутер или пребарување на интернет. Освен тоа, најчесто се користи и при вработување.
3. Кинески јазик
Иако кинескиот речиси три пати повеќе се зборува од англискиот, тоа сепак не го доведува во позиција да биде најпопуларен. Студиите покажуваат дека главната причина „лежи“ во тоа што ретко се користи во науката, а тешко се чита и се пишува, наведува „Вашингтон пост“. Меѓутоа, во последните неколку години, сѐ поголем е бројот на луѓе кои почнуваат да учат кинески јазик.
4. Француски јазик
Францускиот јазик моментално се наоѓа на шестото место меѓу светските јазици, но поради туризмот како една од важните карактеристики на Франција, како и поради убавината на јазикот, сосема е извесно дека до 2050 година ќе го употребуваат дури 750 милиони луѓе, што е отприлика за околу 200 милиони повеќе од денес, пишува „УСА тудеј“.
5. Германски јазик
Германскиот јазик претежно се зборува во Германија, Австрија, Швајцарија, Белгија, Луксембург и Италија. Исто така, познат е и како малцински јазик во Чешка, Данска, Унгарија, Украина, Полска, Романија, Русија, Словачка, Србија и во многу други земји. Постојат значајни заедници од германско говорно подрачје во САД, Канада, Бразил, Аргентина, Мексико, Австралија и Нов Зеланд. Германски јазик зборуваат околу 90 милиони жители како мајчин јазик, но тука се и повеќе од 80 милиони кои го употребуваат како втор јазик, пишува „Омниглот“.
Со оглед на тоа што Германија има развиена индустрија и економија, но и добри политички односи со другите големи сили, експертите прогнозираат прилив на странски туристи токму поради таквите можности што ги овозможува оваа земја.
6. Руски јазик
Рускиот е источно-словенски јазик што претежно се зборува во Русија, но и во многу други земји. Го зборуваат околу 260 милиони луѓе, од кои 150 милиони како мајчин јазик. Рускиот е службен јазик во Белорусија, Казахстан и Киргистан, но и во голем број други земји, други територии и меѓународни заедници, вклучувајќи ги Таџикистан, Молдавија, Грузија...
Тој е признат како малцински јазик во Романија, Финска, Норвешка, Ерменија, Полска, Чешка, Словачка, Узбекистан. Аналитичарите сметаат дека рускиот јазик уште повеќе ќе се омасови, токму поради политичките црти, односно заради големата популарност на претседателот на Русија, Владимир Путин.
7. Јапонски јазик
Јапонскиот спаѓа меѓу еден од најзначајните јазици со преку 126 милиони корисници. Од овој број, огромното мнозинство од 124 милиони, живеат во Јапонија и на островот Окинава. Повеќе од два милиони луѓе го зборуваат во САД, Канада, Австралија, областите каде што емигрирале Јапонци или каде што привремено се преселиле од професионални причини. Тој течно се користи и во Кина, Кореја и на други делови од Азија. Многу од нив научиле јапонски за време на воените операции во Јапонија пред и по Втората светска војна. Секако, Јапонија претставува еден од симболите на светската економска моќ, па големи се изгледите дека јапонскиот јазик ќе стане значително популарен.
8. Португалски јазик
Португалскиот е романски јазик, што го говорат околу 220 милиони луѓе, главно во Португалија и во Бразил, а исто така и во Ангола, Мозамбик, Гвинеа Бисао, Источен Тимор... пишува „Омниглот“. Постојат и заедници на тие што зборуваат португалски во Индија и во Малезија. Интересен податок: најраните записи на изразит португалски јазик се појавуваат во управни документи од 9. век од н.е. Кралот Денис во 1290 година наредил португалскиот, потоа наречен „простачки јазик“, да биде познат како португалски и официјално да се користи.
9. Хинди јазик
Хинди е индо-ариевски јазик со околу 545 милиони говорители, од кои на 425 милиони им е мајчин јазик. Се зборува во поголемиот дел од северна и централна Индија заедно со други јазици, меѓу кои и бенгалски. Хинди е широко распространет, па така е присутен и во Јужна Африка, на Фиџи, Гвајана, на Маврициус, Непал. Хинди првпат почнал да се користи во пишана форма за време на 4. век од н.е. Еден интересен податок: првата печатена книга на хинди е објавена во 1796 година.
10. Бенгалски јазик
Во овој момент, бенгалскиот е на четвртото место (според други извори, на петто или шесто место), во смисла на големината на популацијата, а луѓе од повеќе од 15 земји го зборуваат овој јазик, пишува Си-ен-ен. Покрената е иницијатива бенгалскиот да стане официјален јазик на ОН. Тоа не зачудува, бидејќи е еден од најважните јазици што го зборуваат повеќе од 230 милиони луѓе. Говорно подрачје му е Индија. Претставува национален и службен јазик на НР Бангладеш, така што е познат и како бангла јазик.