X
 27.09.2019 Култура

„Насон прочитана книга“ од Соња Манџук – добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман

Ракописот „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук е првиот добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината. Наградата ја доделува издавачот „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и поддршка на Министерството за култура. Оваа награда е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“. Имајќи го предвид влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, „Славко Јаневски“ и „Арс Ламина“ го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.


Иван Шопов, Бисера Бендевска и Ѕвездан Георгиевски

Конкурсот предизвика голем интерес кај домашните автори, за што зборува и фактот дека пристигнале дури 77 ракописи.
За победникот одлучи тричлената стручна жири-комисија во состав: Димитар Башевски, писател, издавач, Иван Шопов, писател, и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.

- Напишан во манирот на постмодернистичките книжевни практики, „Насон прочитана книга“ претставува онирична авантура чие поаѓалиште е една библиотека, како онаа добропознатата на Борхес, инаку во неговиот „поимник“ дефинирана како вселена. Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како феномен, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов „Деца на Луната“, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способност времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост - стои, меѓу другото, во образложението.

Соња Манџук (родена 1966 година во Скопје) дебитираше со поетската книга „Воопшто без“, во издание на КММ, во 1989 година. Во 1991 година ја објави збирката поезија на српско-хрватски јазик „Земјовање“, како награда на југословенскиот фестивал „Млади Мај“, Заечар. Следува новелата „Деан Кингер: сместен во смешна куќа“, која е прогласен за најдобра новела на анонимен конкурс, распишан од издавачката куќа „Феникс“ во 1993 година, а објавен во „Македонска книга“ следната година. Добитничка е на првата награда за расказот „Затвори го добро фрижидерот“ на конкурсот на „Студентски збор“, во 1992 година. Во 2013 година ја објави збирката раскази „Стилски вежби“ (Издавачки центар „ТРИ“), која влезе во најтесен избор за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело. Манџук е колумнист во интернет-порталот „Слободен свет“.


Соња Манџук

- Дводецениското искуство со организирање и доделување на наградата „Роман на годината“ (првин во рамките на „Утрински весник“, а потоа како активност на Фондацијата „Славко Јаневски“) покажа дека овој вид манифестирање поддршка на романсиерското и, воопшто, литературното творештво е особено благопријатен за целата македонска култура. Низ и преку Фондацијата „Славко Јаневски“ циркулираат безброј идеи за она што ние го нарекуваме „промоција и унапредување на културните вредности“. За жал, Фондацијата не е економски моќна да ги реализира сите идеи што ги наумила, па затоа сфативме дека остварувањето барем на дел од нив е единствено можно во соработка со други субјекти што дејствуваат на ова поле. Една од првите соработки во оваа насока беше со „Арс Ламина“ - изјави новинарот и автор Ѕвездан Георгиевски, еден од основачите на фондацијата.

Тој најави дека наредната година се навршуваат сто години од раѓањето на Славко Јаневски.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Ракописите што беа оценети позитивно исто така ќе добијат можност да бидат објавени од издавачот „Арс Ламина“. Имено, во најтесниот избор на конкурсот влегоа и романите: „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, „Скриени желби, немирни животи“ од Владимир Јанковски, „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон, „Бричење петли“ од Владо Димовски и „Егеец“ од Владимир Плавевски.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура