X
 11.12.2019 Живот

Хрват кој решил да се врати од Данска: Немојте да работите за Балканци надвор, за нив секоја плата што ќе ви ја дадат е преголема

Иселувањето од Хрватска стана тренд, и тоа загрижувачки бидејќи земјата останува празна, а веќе не се иселуваат поединци, туку фамилии со деца, токму како и еден пар кој од Загреб се преселил во Данска. Додека многумина заминуваат и не се свртуваат назад, младата фамилија сепак планира да се врати. Сопружниците Каролина и Јосип Девиќ во Хрватска не работеле по струката и сосема случајно се одлучиле на живот во странство, со 3-месечната ќерка Корина.

- На шега еден пријател кој работеше во Данска го прашав дали има работа за мене, а по неколку недели сфатив дека тоа би можела да биде и добра идеја. Поради штотуку родената ќерка, тоа беше ризичен потег, па моравме добро да размислиме - вели Јосип, информатички техничар, кој работел како фитнес-тренер и како обезбедување во казино.

Неговата сопруга Каролина работела во угостителството, иако по струка е геолошки техничар.

Тие решиле да си го променат животот и како и многу други, си ги спакувале куферите. Нивна дестинација била Данска, поточно главниот град Копенхаген. Велат дека било лесно да се навикнат на тамошните обичаи бидејќи не се ништо „почудни“ од оние во Хрватска, освен што се многу повнимателни, смета Јосип и додава дека нема куќа што не е опремена со добар систем за заштита од провали, во чии рамки се задолжителни и камерите. Она во што лежи главниот проблем се предрасудите, кои биле поголеми отколку што очекувале.

- Проблемот со предрасудите е огромен, особено за некој што не зборува дански. Ако сте турист и зборувате англиски, прифатени сте 100 отсто, па комуникацијата не е проблем, но штом ќе се дознае дека во Данска сте дошле да живеете и работите, нивниот став станува одбивен и понекогаш груб. Не можам да кажам во секој случај, но тоа можевме да го доживееме во барем половина од контактите што ги остваривме - вели Јосип.

Тој објаснува дека случајно заминале во Копенхаген, па можеле да споредат два главни града. Јосип објаснува дека ноќниот живот таму е многу пожив, дека децата им се послободни, но и поразгалени. Разлика се чувствува и во однос на станбеното прашање.

- Разликата меѓу Хрватска и Данска во однос на станбеното прашање е голема, особено во големината и уреденоста на куќите и становите со оглед на цената. Изнајмувањето на исто уреден стан во Загреб и во Копенхаген тука би бил и пет пати поскап, затоа често студентите или оние што само што дошле земаат станови заедно со неколку пријатели за да ги поделат трошоците - вели тој.

Сето тоа влијаело врз нивната одлука да се вратат во родната земја, што не е редок случај.

- Најмногу ни недостигаа црквата и родителите, но се сеќавам на првото чувство на носталгија, она што тоа точно значи, тоа едноставно чувство на банални нешта од самиот поздрав „добар ден“ во продавница или на улица. А потоа оние важни споредни нешта како кафе со пријателите, што кај нас е сосема вообичаено. Овде е дури чудно да викнете некого на пијалак ако немате некоја посебна причина за тоа. Некои пријатели Данци морав да ги научам дека не мора да се случи нешто посебно за да се најдеме во кафуле - вели Хрватот.

Фото: Buka

Јосип има и еден совет за сите што планираат да се иселат од својата татковина.

- Иселете се само ако надвор сте нашле одлична работа, која е добро платена или не е тешка, а ако е тешка, тогаш нека е добро платена. Не дозволувајте да ве искористуваат за минималец надвор бидејќи минималците каде било се само тоа - она минималното за преживување. Исто е во секоја држава. И немојте да работите за Балканци надвор, за нив секоја плата што ќе ви ја дадат е преголема - вели тој.

Оваа фамилија по враќањето планира да основа свој бизнис. Во меѓувреме тие си добиле и син, па Јосип моментално е на породилно отсуство.

- Кога ќе помине породилното, ќе поработам уште некој месец и правец Хрватска. Инаку, како што сакам да кажам на шега - во Хрватска имаш сè освен пари, а во Данска немаш ништо освен пари. Шегата настрана, не е толку хаотично, овде ни е навистина добро, платата и куќата се супер, само секогаш ќе ни недостига нашиот дом, па нашата цел е да се вратиме - заклучува Јосип.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот