X
 02.05.2024 Здравје

Параметар во крвта што треба да го проверите ако се сомневате дека сте анемични, а не е железо

Нивото на феритин е показател за нивото на железо што се складира во организмот, а е многу важно во дијагнозата на анемија предизвикана од недостиг на железо.

Знаците на низок феритин, протеинот кој го складира железото во нашето тело, се замор, вртоглавица и главоболки. Високиот феритин може да предизвика абдоминална болка, болки во зглобовите и многу повеќе. За да ги тестирате нивоата на феритин, вашиот лекар може да препорача тест за феритин.

Вашето тело се потпира на железото кое се наоѓа во црвените крвни зрнца и неговата главна улога е да носи кислород до сите клетки. Без доволно железо, црвените крвни зрнца нема да можат да обезбедат доволно кислород. Сепак, премногу железо не е добро за телото. И високото и ниското ниво на железо може да укажуваат на сериозен проблем.

Тестот за феритин може да покаже дали вашето тело има недостиг или вишок на железо, така што може да му даде на вашиот лекар општа слика за нивото на железо во вашиот организам.

Целта на тестот за феритин

Ако знаете дека имате премногу или недоволно феритин во крвта, ова може да му даде на вашиот лекар целосен преглед за нивото на железо во вашето тело. Колку повеќе феритин во крвта, толку повеќе железо во телото.

Ниско ниво на феритин


Вашиот лекар може да ве упати на ваков тест доколку имате некој од следниве симптоми поврзани со ниски нивоа на феритин: необјаснет замор, вртоглавица, хронични главоболки, необјаснета слабост, шум во ушите, раздразливост, болка во нозете, краток здив.

Високо ниво на феритин


Може да имате и многу високи нивоа на феритин, што исто така може да предизвика непријатни симптоми.

Симптоми на вишок феритин: болка во стомакот, лупање на срцето или болка во градите, необјаснета слабост, болки во зглобовите, необјаснет замор.

Нивото на феритин може да се зголеми и како резултат на оштетување на органите, како што се црниот дроб и слезината. Тестот може да се користи и за следење на вашето целокупно здравје, особено ако имате состојба поврзана со железо што предизвикува да имате премногу или премалку железо во крвта.

Како се прави тестот за феритин?

Тестот за феритин бара само мала количина крв за точно да се дијагностицира нивото. Во некои случаи, вашиот лекар може да ви каже да не јадете најмалку 12 часа пред да дадете крв за анализа. Според Американското здружение за клиничка хемија (AACC), тестот е попрецизен кога се изведува наутро пред првиот оброк.

Разбирање на резултатите од крвниот тест за феритин

Резултатите од крвниот тест за феритин прво се проценуваат за да се види дали вашите нивоа се во нормални граници. Според клиниката „Мајо“, типични параметри се:

-20 до 500 нанограми на милилитар кај мажите

-20 до 200 нанограми на милилитар кај жените.

Имајте на ум дека не сите лаборатории имаат исти резултати за нивото на феритин во крвта. Ова е стандарден опсег, но поединечни лаборатории може да имаат различни вредности. Секогаш прашајте го вашиот лекар за нормалниот опсег на одредена лабораторија кога одредувате дали нивото на феритин е нормално, високо или ниско.

Причини за ниско ниво на феритин

Нивото на феритин пониско од нормалното може да укаже дека имате недостиг на железо, што може да се случи кога не внесувате доволно железо во вашата секојдневна исхрана. Друга состојба која влијае врз нивото на железо е анемијата, што значи дека немате доволно црвени крвни зрнца за кои се врзува железото.

Ова се дополнителни несакани ефекти:

-обилна менструација
-абдоминални состојби кои влијаат врз интестиналната апсорпција
-внатрешно крвавење.

Знаењето дека вашите нивоа на феритин се ниски или нормални може да му помогне на вашиот лекар подобро да ја утврди причината. На пример, лице со анемија ќе има ниски нивоа на железо во крвта и ниски нивоа на феритин. Сепак, лице со хронична болест може да има ниски нивоа на железо во крвта, но нормално или високо ниво на феритин.

Причини за високи нивоа на феритин

Нивоата на феритин кои се премногу високи може да укажуваат на одредени состојби. Еден пример е хемохроматоза, кога вашето тело апсорбира премногу железо. Други проблеми кои предизвикуваат високи нивоа на железо вклучуваат:

-ревматичен артритис
-хипертироидизам
-Стилова болест кај возрасни
-дијабетес тип 2
-леукемија
-труење со железо
-чести трансфузии на крв
-заболувања на црниот дроб, како што е хроничен хепатит Ц
-синдром на немирни нозе.

Феритинот е познат и како реактант на акутна фаза. Ова значи дека кога телото ќе доживее воспаление, нивото на феритин ќе се зголеми. Ова е причината зошто нивото на феритин може да биде високо кај луѓето што имаат заболување на црниот дроб или рак.

Клетките на црниот дроб имаат феритин во депото. Кога црниот дроб е оштетен, феритинот во клетките почнува да истекува. Лекарот би очекувал повисоки нивоа на феритин од нормалните кај луѓето со овие и други состојби.

Најчести причини за покачено ниво на феритин се дебелината, воспалението и секојдневното консумирање алкохол. Најчеста причина за генетски поврзани покачени нивоа на феритин е состојбата на хемохроматоза. Ако резултатите од вашиот тест за феритин се високи, вашиот лекар најверојатно ќе предложи и други тестови кои можат да обезбедат повеќе увид во нивото на железо во вашето тело. Овие тестови вклучуваат:

-тест за железо, кој ја мери количината на железо што циркулира во вашето тело

-тест за вкупен капацитет за врзување на железо (TIBC), кој ја мери количината на трансферин во вашето тело.

Извор: n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје