Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ-20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според процените на Светската банка, речиси 40% од високообразованиот кадар ја имаат напуштено државата, а според Индексот на одлив на мозоци на „Глобал економи“, нашата земја е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти, објави денеска Државниот завод за ревизија.
Тие, согласно годишната програма за работа за 2023 година, спровеле ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри“.
-Целта на ревизијата беше да се даде одговор на прашањето дали Владата ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри. Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразованиот кадар од државата - стои во соопштението.
Понатаму, се додава дека во последните неколку децении меѓународните миграции во светски рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од кога било. Тенденцијата кон пораст на емиграцијата на високостручни кадри, како и научен подмладок од одделни факултети, имплицира промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал, а со тоа и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност.
Фото: ДЗР
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на македонски граѓани што заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице, а нивниот број по одделни години е прикажан во следниот графикон.
Фото: ДЗР
Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата што ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица, прикажано по години во графиконот.
Според добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани што престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовани кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и општеството во целост.
Фото: ДЗР
- Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Македонија се наоѓа во елитната група на топ-20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според процените на Светската банка, речиси 40% од високообразованиот кадар од Македонија ја имаат напуштено државата, а Индексот на одлив на мозоци на „Глобал економи“ покажува дека Македонија е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти. Сепак, во контекст на овие предизвици, недостигот на активна стратегија за управување со високообразовани кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за неа не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите - наведуваат од ДЗР.
Оттаму појаснуваат дека Национална стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 е единствениот стратешки документ за јавни политики во кој директно се адресира прашањето за одливот на мозоци. Велат дека оваа стратегија не е објавена во „Службен весник“ и на веб-страницата на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ.
- Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовани кадри, со извршената ревизија се утврди низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба се должи на недоволна координација меѓу институциите и носителите на мерки, како и на неформирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата. Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Македонија, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција. Се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање. Од друга страна, МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори - нагласуваат од ДЗР.
Врз основа на извршената анализа, ревизијата утврдила значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што, како што велат од ДЗР, укажува на недостиг на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата.
Нефункционалноста на веб-страниците nauka.mk и patent.mk, според ДЗР, оневозможува тие да се користат како средство за обезбедување информации за резултатите од научноистражувачката дејност, иновациите, трансферот на универзитетскиот know-how на пазарот во компаниите и регистрираните патенти (иновативните пронајдоци).
- Во текот на ревизијата беше ангажиран експерт кој изврши студија/истражување чии процени покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра. Одливот на високообразовани кадри има сериозен ефект врз бруто-домашниот производ (БДП), со проценети 0,8% од БДП на годишно ниво. Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајќи го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15% од БДП на годишно ниво. Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19% од БДП годишно, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34% од БДП на годишно ниво - заклучуваат од ДЗР.