Високо радиоактивен нуклеарен отпад би можел да се закопа под британските национални паркови и подрачја со специјални природни убавини, ако се усвои планот на владата кој има поддршка од пратеничкиот комитет.
Длабокото закопување се смета за единствено можно решение за нуклеарниот отпад кој ќе ја задржи својата радиоактивност уште многу илјади години, а моментално се наоѓа во бројни складишта ширум Велика Британија, пишува „
Гардијан“.
(
Фото: Pixabay)
Обидите на владата на Велика Британија да изгради постројка од 12 милијарди фунти во Камбрија во 2013 година, пропаднаа поради отфрлањето на предлогот од локалните власти.
Новиот план беше објавен во јануари оваа година, и доби поддршка од парламентарниот комитет за бизнис, енергетика и индустриска стратегија, чии членови тврдат дека за одлагање на нуклеарниот отпад треба да се изберат најбезбедните места, независно од локацијата.
„Одлучивме да не ги користиме критериумите за исклучување на националните паркови и подрачја со специјални природни убавини, затоа што сметаме дека во овој случај е исправно безбедносните прашања да преовладаат над грижата за животната средина“, изјави претседателката на комитетот, лабуристката Рејчел Ривс.
Во текот на 50-годишното користење на нуклеарната енергија во Велика Британија создадени се 750.000 кубни метри отпад, но државата сè уште не развила трајно решение за неговото отстранување.
Според плановите, поздемните складишта би биле на длабочина меѓу 200 и 1.000 метри под површината.
Министерот за енергетика, Ричард Харингтон, во својот говор пред комитетот на 10 јули истакна дека „не тврди дека отпадот треба да се складира во националните паркови, но би било погрешно таа можност да се исклучи“.
Планот наиде на остри критики.
„Срамно е да помислите на компании кои го закопуваат нуклеарниот отпад и вадат гас од шкрилци на некои од најубавите места во земјата. Расправата околу тоа кои заедници мораат да се справуваат со токсичните материјали, е срам за нас“, истакна пратеничката на Зелената партија, Керолајн Лукас.
Рут Бредшо од Кампањата за националните паркови вели дека тие подрачја се „скапоцена национална сопственост“ и дека предложеното складиште „во целост е спротивно на смислата и целите на националните паркови“.