X
 02.12.2024 Здравје

Епидемија што трае повеќе од 40 години, а крајот не се гледа

Намалување на бројот на нови инфекции и смртни случаи на глобално ниво, поефикасна превенција и поефикасни терапии... Борбата против ХИВ и сида напредува, иако крајот на епидемијата сè уште не се гледа.

Во текот на 2010 година бројот на нови инфекции со ХИВ-вирус е намален за една петтина на глобално ниво, покажуваат податоците објавени од научното списание „Лансет ХИВ“. Смртноста, вообичаено предизвикана од случајни болести откако се манифестира сида во последните фази на инфекцијата, е намалена за околу 40 проценти и сега е далеку под нивото од еден милион.

Оваа позитивна тенденција првенствено се припишува на подобрената ситуација во Супсахарска Африка, најпогоденот регион од епидемијата на сида. Сепак, ситуацијата станува значително посериозна ако се земе предвид зголемениот број на инфекции во други региони, како Источна Европа и Блискиот Исток. Нема сомнеж дека светот е далеку од амбициите на ОН, кои се залагаат за суштинска елиминација на епидемијата до 2030 година.

Еден од клучните аспекти околу кои експертите се согласуваат е тоа дека превенцијата, особено третманите познати како ПрЕП (превенција пред изложување), станува сè поважна во борбата против пандемијата. За лицата кои не се носители на вирусот, но се впуштаат во однесувања што се сметаат за ризични, ПрЕП се покажал како исклучително ефикасен во спречувањето инфекција. Поради тоа, експертите бараат проширување на овој пристап.

Во Франција здравствените власти сметаат дека ПрЕП не треба да се препорачува само на мажи кои се впуштаат во хомосексуални односи.

- Овие лекови се нешто што може да биде корисно за секое лице на кое му е потребно во некој момент од својот сексуален живот - изјави експертот за инфективни болести Пјер Делобеле.

Лицата што се веќе заразени ги имаат на располагање сите ефикасни и практични терапии во борбата против ХИВ, што ја намалува зачестеноста на примање лекови. Сепак, достапноста на овие терапии, како на превентивните така и на оние што се користат за лекување, е ограничена од многу фактори. Ова е особено изразено во најсиромашните земји, како што се оние во Африка, каде што трошоците за лековите сè уште се голем предизвик.

Лекот што предизвика полемики

Ново средство во борба против ХИВ предизвика голема полемика во последните месеци. Имено, фармацевтската компанија „Гилеад“ нуди лек со активна супстанција ленакапавир, ветувајќи невидена ефикасност во превенцијата и лекувањето. Иако некои експерти сметаат дека овој лек би можел да ја промени ситуацијата, неговата цена изнесува астрономски 40.000 долари годишно по лице.

Под притисок на активисти, компанијата на почетокот на октомври вети дека ќе овозможи производство на генерички лекови по намалена цена за дистрибуција во најсиромашните земји. Сепак, има уште пречки, особено кога станува збор за превентивни терапии. Исто така, неопходно е да се прифати идејата за нивна употреба без страв од стигматизација.

Широката употреба на ПрЕП во Африка се соочува со многу предизвици, а има проблем и со правовременото откривање и дијагностицирање.

Досега се излекувани десетина лица

Во текот на последните години се забележани случаи на целосно закрепнување или излекување - помалку од 10. Иако овие случаи се спектакуларни, тие се резултат на третман со матични клетки, што се применува само во исклучителни околности. Овие случаи влеваат надеж, но ако не дојде до поширока примена, ефикасна превенција и сеопфатен пристап кон лекувањето, светот ќе продолжи да се соочува со предизвиците што ги носат ХИВ и сида. Затоа е од суштинско значење да се продолжи работата на зајакнувањето на превенцијата, зголемувањето на достапноста на третманите и едукацијата за ХИВ, за да се потисне стигматизацијата и да се овозможи соодветна поддршка за најзагрозените. Конечно, се истакнува важноста на заедничкото дејствување и глобалната соработка во борбата против оваа епидемија, за да се обезбедат подобри услови за живот на погодените.

Извор: Euronews
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје