X
 06.05.2021 Здравје

Вакцинирање против коронавирусот: Како напредуваат земјите од ден на ден?

Кога станува збор за вакцината против ковид-19, повеќето луѓе поставуваат едно прашање - кога ќе дојде мојот ред да се вакцинирам?

На крајот на краиштата, вакцинирањето на целиот свет против ковид-19 е прашање на живот и смрт. Неколку земји имаат поставено многу специфични цели, но во остатокот од светот сликата е многу помалку јасна. Тоа вклучува комплицирани научни процеси, мултинационални корпорации, спротивставени владини ветувања и огромна доза на бирократија и регулатива.

Воопшто не е едноставно.

Првите вакцини беа дадени по помалку од една година од најраните случаи на новиот вирус потврдени во Вухан, Кина, но глобалната вакцинација беше нееднаква.

Некои земји обезбедија и им доставија дози на голем дел од нивното население - но многу други сè уште чекаат да пристигнат првите пратки.

Во првите рунди на вакцинација во многу земји приоритети се:

- Постари од шеесет години
- Здравствени работници
- Луѓе што се клинички ранливи.

1
Извор: Our World in Data/BBC

И во земји како Израел и Велика Британија веќе се појавуваат ветувачки знаци дека вакцините го намалуваат бројот на хоспитализации и смртни случаи, како и пренесувањето на болеста во заедницата.

Но, иако речиси сите земји во Европа и во Америка започнаа кампањи за вакцинација, тоа се случи само во мал број африкански земји.

Агата Демара, директор на Единицата за разузнавање на „Економист“ (ЕИУ), направи едно од најсеопфатните истражувања на оваа тема.

ЕИУ се занимаваше со светскиот капацитет за производство, како и здравствената инфраструктура неопходна за овие вакцини да стигнат до луѓето, населението со кое треба да се справи една земја и, се разбира, со она што може да си го дозволи.

Повеќето од резултатите од истражувањето се вклопуваат во предвидливи граници помеѓу богатите и сиромашните.

Велика Британија и САД се добро снабдени со вакцини во моментов бидејќи тие можат да си дозволат да вложат многу пари во правење вакцини и со тоа да се стават на самиот врв на листата на чекање.

Некои други богати земји како Канада и Европската Унија заостануваат зад нив.

Повеќето земји со ниски примања дури и не започнале со вакцинација.

Дали богатите земји складираат вакцини?

Канада се соочи со критики на крајот од минатата година затоа што купи петпати повеќе вакцини отколку што ѝ се потребни за да го покрие целото население, но се чини дека не е во ситуација да добие приоритетна испорака.

Ова е затоа што оваа земја одлучи да инвестира пари во вакцини од европските фабрики, загрижени дека Соединетите Држави под водство на Доналд Трамп можат да воведат забрана за извоз.

Но, тоа се покажа како многу лоша процена.

Европските фабрики се борат со испорака, а во блиска иднина, токму ЕУ, а не САД, се закани дека ќе го забрани извозот и ќе го спроведе на дело.

Италија го блокира извозот на некои вакцини во Австралија. На некои земји, пак, им оди вакцинирањето подобро од очекуваното.

Србија има подобар учинок од која било земја во ЕУ, кога станува збор за процентот на нејзиното население кое веќе е вакцинирано. Успехот на Србија делумно се должи на ефективната вакцинација, но земјата има корист и од „вакцинална дипломатија“ - битката меѓу Русија и Кина за превласт во Источна Европа.

Србија има пристап до вакцината „Спутник V“ од Русија, „Синофарм“ од Кина, „Фајзер“ од САД/Германија и „Астразенека“, која потекнува од Велика Британија.

Што претставува „вакциналната дипломатија“?


Влијанието што го прави Кина тука веројатно ќе биде долгорочно.

Земјите што ги користат првата и втората доза на „Синофарм“, исто така, можат да сметаат на Кина за можни засилувачки дози, доколку тие бидат потребни во иднина.

Обединетите Арапски Емирати, исто така, во голема мера се потпираат на вакцината „Синофарм“ - во февруари 80 отсто од дозите дадени на граѓаните беа токму од „Синофарм“. Исто така, ОАЕ гради фабрика за производство на „Синофарм“.

Сепак, само затоа што сте глобална суперсила во вакцините, не значи дека прво ќе се вакцинира вашата популација. Истражувањето на ЕИУ предвидува дека две светски суперсили во производството на вакцини, Кина и Индија, можеби нема да имаат доволно вакцинирани до крајот на 2022 година.

Ова е затоа што двете земји треба да се справат со огромна популација и ограничен број здравствени работници.

drzavi
Извор: The Economist Intelligence Unit/BBC

Кои се предизвиците?


Успехот на Индија како производител на вакцина против ковид-19 главно се сведува на еден човек - Адара Пунвалу. Неговата компанија „Индиски институт за серум“ е најголемиот производител на вакцини во светот.

Но, во средината на минатата година неговото семејство почна да се грижи дека тој го изгубил разумот. Тој вложил стотици милиони долари во вакцини иако не знаел дали ќе функционираат.

Првите дози од овие вакцини, направени од „Оксфорд“ и „Астразенека“, беа доставени до индиската влада во јануари. Неговата компанија сега произведува 2,4 милиона дози на ден.

- Мислев дека притисокот и лудилото ќе попуштат кога ќе го направиме производот. Но, вистински предизвик е да се задоволат сите. Потребно е време, а луѓето мислат дека Институтот има волшебна напивка. Да, добри сме во она што го правиме, но немаме волшебно стапче - вели тој.

Дали КОВАКС ќе ја забрза дистрибуцијата на вакцини?

Пунвала вели дека прво треба да ги достави вакцините во Индија, а потоа и во Африка, преку КОВАКС-програмата.

Многу сиромашни земји се потпираат на испораките на КОВАКС, меѓународна иницијатива која се обидува да обезбеди сите во светот да имаат пристап до вакцината. Гана беше првата земја што доби вакцини преку оваа програма на 24 февруари. КОВАКС планира да испорача две милијарди дози вакцини низ светот до крајот на годината. Но, овој план е поткопан од фактот дека многу земји истовремено се обидуваат да склучат договори настрана.

Но, ниту еден лидер не е премногу оптимист за постигнувањата на КОВАКС. Дури и ако сè оди по планот, целта на шемата е да опфати само 20-27 отсто од населението во една земја оваа година.

Според предвидувањата на единицата за разузнавање на „Економист“, некои земји може да не се целосно вакцинирани до 20230 година.

Вакцинацијата можеби не е приоритет за секоја земја, особено не за оние што имаат помлада популација и немаат многу пациенти. Проблемот со ова сценарио е дека сè додека вирусот може да циркулира некаде, тој ќе може да мутира и да се движи.

Соеви отпорни на вакцините ќе продолжат да се развиваат.

Сепак, не сите вести се лоши. Се произведуваат вакцини побрзо од кога било, но обемот на задачата - имунизирање на 7,7 милијарди луѓе, е огромен и е нешто што никогаш претходно не било направено.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје