Владата на денешната седница донела одлука за дополнителни мерки за заштита од коронавирусот, објави премиерот Зоран Заев.
Владата одлучила од утре, 6 април, да се воведе забрана и посебен режим на движење за граѓаните, т.е. полициски час од 20 часот до 5 часот наутро.
На граѓаните што ќе се враќаат од вакцинација им се дозволува враќање во живеалиштата.
Од 7 април ќе има забрана за посетители и гости во сите угостителски објекти или онаму каде што се врши продажба и подготовка на храна. Може да се врши достава на храна или да се издава храна преку штанд. Оваа мерка е во сила до 20 април. Исклучок од неа се аеродромите, како и хотели, мотели, хостели, пансиони за лица сместени во нив.
Донесена е забрана за посетители и гости за обложувачници, која е во сила од 7 април. Таму услугите може да се нудат преку шалтер, штанд-пулт.
Забранета е посета на спортски сали, фитнес-клубови, како и организирање и присуство на семинари, конференции.
На земјоделците им се овозможува движење со дозвола за движење.
За време на забраната, лицата што живеат во колективни објекти и имаат домашни миленичиња може да ги шетаат од 22 до 23 часот на растојание до 100 метри од објектот на живеење.
Останува во сила строга забрана за групирање за повеќе од 4 граѓани.
Овој период, како што објави Заев, ќе има зајакнати инспекциски контроли.
Тој истакна дека британскиот сој зема поголем замав, овој вид коронавирус заразува побрзо и полесно, а бројот на новозаразени и на починати расте и повика на почитување на мерките.