X
 03.02.2021 Образование

Скандал во хрватското високо образование - професор кој сексуално вознемирувал студентки бил награден од ректорот

Хрватското високо образование го тресе скандал откако тамошните медиуми објавија дека ректорот на Универзитетот во Загреб, Дамир Борас, добил потпишана изјава за сексуално вознемирување од некогашна студентка на Филозофскиот факултет, но не започнал никаква постапка против обвинетиот професор, туку го наградил.

Според хрватски „Телеграм“, на директна иницијатива на Борас, на професорот му било доделено почесно звање професор емеритус, иако неговиот матичен отсек на факултетот бил против тоа токму поради сознанијата дека постои потпишана изјава во која некогашна студентка детално ги опишала нејзините тврдења за вознемирување. Опишувајќи го „најеклатантниот случај кој се случил“, таа напишала: „Ме повлече преку работната маса и насилно ме бакна.“

По објавувањето на првиот текст, во редакцијата на „Телеграм“ се јавиле три поранешни студентки кои го обвиниле истиот професор за сексуално вознемирување.

„Не се снајдов, само излетав надвор“

Трите студентки раскажале слични и исклучително мачни ситуации во кои, како што тврдат, се нашле со овој професор во текот на студиите. Случајот кој го опишува една од нив е од пред петнаесетина години. Неименуваната соговорничка студирала на отсекот на кој предавал наградениот професор. На крајот од студиите таа го работела дипломскиот труд кај тој професор, па биле потребни многу консултации.

- По едни консултации во неговиот кабинет се поздравувавме, се договаравме нешто кај затворената врата од кабинетот и тогаш ме фати за главата, ме повлече и ми го стави јазикот в уста - тврди некогашната студентка.

Таа додава дека во тој момент не се снашла.

- Му реков дека морам да одам, дека ме чека момчето, излетав надвор избезумена и ѝ се јавив на колешка која истовремено пишуваше дипломска кај него. Бев во голем шок затоа што не ми се веруваше дека такво нешто може да се случи - вели таа.

Не пријавила никаде, а не ни размислувала за тоа бидејќи, како што вели, имала чувство дека на факултетот владее клима на одобрување на таквото однесување.

- Некое време собирав сила повторно да се вратам на консултации. Мислев дека до тој момент имав напишано и направено премногу за тој дипломски труд за да се откажам, да го менувам и слично - вели таа.

Кога одела на следните консултации, се договорила со тогашното момче да ја чека пред кабинетот. Кога влегла во кабинетот, му нагласила на професорот дека надвор ја чека момчето.

Професорот го прегледувал нејзиниот дипломски труд на компјутерот, а таа седела покрај него.

- Се приближи до мене и ме фати за коленото. Му ја тргнав раката и му реков дека тоа не е примерно однесување. Тој рече дека се согласува и дека понатаму ќе бидеме професионални - тврди некогашната студентка.

Таа додава дека слушала приказни за тој професор и пред нејзиниот инцидент, но не им придавала значење.

- Се сеќавам на една девојка, заедно одевме пред неговиот кабинет, се сеќавам дека пред да влезе внатре велеше: „Не сакам да влезам внатре сама, не сакам да влезам внатре сама“. Тогаш мислев дека претерува. Кога го доживеав тоа, ми беше јасно дека не претерувала - вели неименуваната соговорничка.

Како што вели таа, шокот бил уште поголем затоа што наведениот професор го почитувала како стручњак. Додава дека е подготвена да сведочи против него во случај на судска или универзитетска постапка и да каже сè под цело име и презиме.

- Јас искрено мислам дека сите го правеа тоа, па пробуваа кај кого ќе успее. Мислам дека го правеа тоа во таа клима на одобрување на таквото однесување - заклучува поранешната студентка.



Понуда за усовршување на знаењето при дружење надвор од факултетот

Во редакцијата на „Телеграм“ се јавила и втора поранешна студентка на Филозофскиот факултет во Загреб. И таа зборувала за истиот професор, но нејзината приказна е од поскоро, од годините пред неговото пензионирање. Таа тврди дека на устен испит, по секој нејзин одговор на испитно прашање, професорот ѝ давал комплименти дека е исклучително способна и паметна девојка. Потоа се понудил да го усоврши нејзиното знаење ако сака да се подружи со него надвор од факултетот. Притоа, како што вели поранешната студентка, ја ставил раката на нејзината нога и почнал да ѝ се приближува.

- Одбив и се тргнав од него. Почна да зборува дека треба да знам дека тој е многу влијателен на факултетот и дека доколку се дружиме надвор од факултетот, тој би ми овозможил академска кариера. Дека е вистинска штета да не се искористат моите потенцијали. Одбив. Се наведна и сосила ме бакна в чело и се обиде да ме бакне в уста, по што станав за да излезам и го зедов индексот од неговата маса - се потсетува некогашната студентка и додава дека професорот ѝ се извинувал затоа што „ја збунил“.

Потоа ѝ рекол да го остави индексот за да ѝ пише оценка и да се врати по него откако сите колеги  ќе завршат со усниот испит.

- Се плашев да се вратам и никогаш повеќе не сакав да го видам. Замолив еден колега кој чекаше ред да ми го земе индексот - вели таа.

Додава дека до крајот на студиите го среќавала професорот по ходниците на факултетот.

- Ќе свртеше на друга страна или ќе ја наведнеше главата, јасно давајќи до знаење дека свесно постапил лошо - вели некогашната студентка.

Асистентка се жалела за непримерно однесување

Девојката истакнала и дека била повредена кога дознала дека професорот го прави тоа со години и дека сите знаат, а никој не ја предупредил.

- Изгубив доверба во целиот систем бидејќи на таков неморален начин се нудат, потенцијално и се остваруваат академски кариери - вели таа и додава дека сака студентките да бидат предупредени да се чуваат од злосторникот на кој му е доделена најугледна академска титула.

Новинарите на „Телеграм“ разговарале со уште една поранешна студентка на истиот професор. Пред десетина години и таа го пишувала дипломскиот труд под негово менторство. Се потсетува дека тогаш важел за галантен професор. Првиот глас дека нешто не е во ред, како што вели таа, до неа дошол од тогашната асистентка на професорот.

- Постојано се жалеше дека тој не е баш примерен. Срам да ни е - зашто никогаш порано се немавме сретнато со тоа - но ние не ѝ верувавме. Се сеќавам дека се прашував зошто тогаш и понатаму му е асистентка ако нешто не е во ред - вели третата соговорничка.

„Ми рече да одам кај него дома“

Додава дека нивните зачестени средби на консултациите во неговиот кабинет, еден на еден, почнале кога таа почнала да работи на дипломскиот труд.

- Почна со комплименти од типот: убаво ви стои оваа капа, имате убави очи. Јас сето тоа го сечев и му велев: да, да, фала, фала - раскажува девојката.

Фото: Freepik

Таа додава дека имала сложен дипломски труд кој барал одење на патувања во потрага по соодветни информации и податоци.

Спроти патувањето кое го закажала за викенд, вели дека од професорот морала да добие упатства што да бара на патувањето.

- Цела недела го барав за да имаме консултации на факултет. Постојано го одолжуваше и развлекуваше тоа, додека не ми рече да одам кај него дома во петок, еден ден пред моето патување - се потсетува таа.

Девојката за тоа им кажала на своите дома.

- Ги прашав што да правам затоа што утредента мораше да одам на пат за дипломската, ќе имав проблеми ако не одам кај него затоа што ќе немаше кој да ме менторира, а јас морав да добијам информации од него што да барам на тоа патување - раскажува таа.

Со нејзината фамилија се договориле да ја придружува фамилијарен пријател. Сама влегла во зградата и се качила до станот.

- Се тресев. Уште на влезот, кога ми ја отвори вратата, му реков: „Професоре, мене ми е непријатно што морав да дојдам овде и долу ме чека момчето.“ Тој на тоа ноншалантно ме погледна и рече: „Колешке, не разбирам, па вие баравте да дојдете овде, не можевте да дојдете на консултациите, ова е единствениот начин“ - раскажува соговорничката.

Потоа влегла, разговарале нецели пет минути за патувањето и си заминала. Како што тврди таа, година-две пред овој случај имало многу посериозен инцидент со професор од истиот отсек на Филозофскиот факултет во Загреб. Вели дека тој професор и понатаму активно предава и учествува во наставата на факултетот.

- Факултетот им е расадник. Гадоста и одвратноста што тие ги шират меѓу своите жртви, тоа воопшто не можам да го опишам - вели некогашната студентка.

Таа нагласува дека вакви ситуации не се случувале во некакви ќошиња, туку во професорските кабинети.

- Една врата ги дели тие кабинети од ходниците во кои стојат и одат останатите студенти и професори. Тие беа сигурни дека тоа нема да протече, а дури и да протече, секогаш можеа да кажат дека е нивниот збор против зборот на студентка. Тоа прво ми беше во главата. Мојот збор против неговиот - заклучува соговорничката.

Ректорот знаел

Според пишувањата на „Телеграм“, во допис кој стигнал на службената адреса на ректорот биле наведени идентитетите на професорот и некогашна студентка што го обвинила, но немало никакви санкции за професорот. Напротив, тој бил награден, и тоа по директна иницијатива на ректорот Борас.

Приказната, всушност, започнала по пензионирањето на споменатиот професор и целосно се одвива во годините на ректорскиот мандат на Борас. Имено, откако професорот се пензионирал на еден од одделите на Филозофскиот факултет во Загреб, стасала иницијатива да му се додели почесно звање професор емеритус - почесна титула која ја добиваат особено заслужни професори по пензионирањето. Таа титула по правилата во Загреб ја предлагаат факултетите, но може да ја предложи и самиот ректор.

Отсекот наскоро се состанал за да расправа дали ќе го предложи пензионираниот професор, но на состанокот било изнесено дека постои потпишана изјава на некогашна студентка која тврди дека тој пензиониран професор повеќе пати сексуално ја вознемирувал. Во изјавата таа опишала што и во кои специфични околности ѝ направил професорот.

Откако бил запознаен со постоењето на компромитирачките изјави за „неморалното однесување во минатото“ на професорот, отсекот одлучил воопшто да не го разгледува предлогот за доделување на почесното звање. Пензионираниот професор, запознаен со одбивањето од отсекот, се пожалил директно кај ректорот, тврдејќи дека му се повредени правата, а ректорот сериозно го сфатил тоа и во повеќемесечни преписки од факултетот бара објаснување, аудиозапис и транскрипт од состанокот на отсекот. Во финалниот допис Борас бара од факултетот тонски запис од седницата на која не е разгледан предлогот за титулата. Притоа експлицитно бара достава на „пишана депонирана изјава“, која се однесува на „неморалното однесување во минатото“ на пензионираниот професор кој претендира да биде почесен професор емеритус.

Фото: Telegram

По 12 дена, факултетот, на барање на ректорот, праќа образложение зошто не може да му достави тонски запис од седницата, повикувајќи се на мислење од Агенцијата за заштита на личните податоци. Но, со согласност од некогашната студентка на пензионираниот професор, факултетот  му ја испраќа на ректорот нејзината потпишана изјава за сексуално вознемирување.

Точно пет месеци подоцна, без оглед на тоа што бил запознаен со тврдењата за сексуално вознемирување, ректорот Дамир Борас му предлага на Сенатот на Универзитетот во Загреб да го избере пензионираниот професор за професор емеритус. Предлага и состав на стручниот одбор кој би требало да го оцени неговиот предлог. Со мнозинство гласови, Сенатот го прифаќа предлогот и започнува процедура. На една од следните седници на Сенатот, по позитивно мислење од стручниот одбор, ректорот во дневен ред ја внесува точката за избор на пензионираниот професор. Сенатот потоа носи одлука за доделување на почесното звање.

Професорот и понатаму е ментор на докторанди

Инаку, секој професор емеритус има советодавна улога на универзитетот и може да учествува и во изведување на дел од наставата. Исто така, емеритус остварува и финансиски надомест.

Според информациите на „Телеграм“, пензионираниот професор не учествува во изведувањето на наставата, но е ментор на некои докторанди. Како и другите професори со почесната титула, така и тој добива месечен надомест од околу 2.000 куни нето, односно околу 260 евра.

Извор: Telegram.hr
Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование