X
 03.03.2019 Живот

Ги мразел Бил Гејтс и Јапонците, не одбирал средства за да дојде до целта... Ова се најчестите заблуди за Стив Џобс

Стив Џобс беше посебен човек, визионер и гениј, а уште додека беше жив го следеа приказни за невозможниот карактер. Некои од тие приказни останаа и по неговата смрт. Но, дали има вистина во нив?

Прв мит: Џобс бил тежок насилник на работа

Ова е веројатно најчесто слушаниот мит за Џобс. Се вели дека тој бил грубијан кој често ги малтретирал или слаткоречиво ги наговарал вработените за на крајот да биде по негово. Вистината е дека тој бил шефот и неговата работа не била да биде симпатичен, туку ефикасен. Оние што подобро го познавале тврдат дека тој всушност бил перфекционист. Знаел опсесивно да се сосредоточи на мали детали, барем така им се чинело на другите. Често ги прекинувал состаноците ако му се чинело дека проектот не се развива како што треба. Многумина лично се навредувале од неговото однесување, иако неговата намера никогаш не била да навреди некого, туку да стаса до целта за која верувал дека е правилна.

Втор мит: Работел за плата од еден долар

Како и повеќето митови, така и во овој има зрно вистина. Имено, Стив Џобс некое време беше еден од најбогатите на светот. А таквото богатство не можете да го стекнете заработувајќи еден долар месечно, дури ни дневно, па дури ни за еден час. „Епл“ ги наградувал своите луѓе со различни бонуси поврзани со успешната работа и разни сигурни вложувања. Тој начин на наградување бил прифатен и од страна на други компании, па така потоа за еден долар (и разновидни бонуси) работеа и други истакнати личности. Џобс, пак, поради добрата продажба во 2000 година, доби приватен авион вреден 88 милиони долари. До 2011 година тој акумулираше и околу 5,6 милиони во акции на „Епл“, па „Форбс“ го смести на 136. место на листата со најбогати во светот. Платата и понатаму му беше минимална, но приходите од дивидендите се огромни.

Трет мит: Стив Џобс бил технолошки гениј

Стив Џобс бил многу паметен и талентиран човек, тоа не може да се негира. Но, дали тој бил баш толку голем експерт со речиси божествен дар за технологија? Се чини дека не. Всушност, Стив не ја познавал толку многу дигиталната технологија. Тој бил импресарио кој знаел да ги распореди ресурсите за создавање убави производи. Значи, тој бил повеќе Пикасо отколку Ајнштајн во технолошката индустрија. Тежнеел кон тоа да ја спои уметноста со најновата технологија. Затоа производите на „Епл“ често личеле на уметнички скулптури, не губејќи притоа ништо од функционалноста.

- Јас сум еден од ретките што разбираат дека производството на технологија бара страст и креативност и дека производството на нешто уметничко бара вистинска дисциплина - истакна еднаш Џобс.

Четврти мит: Стив Џобс го презирал Бил Гејтс

Веројатно сте ја слушнале приказната дека Џобс и Гејтс биле ривали кои секоја минута од денот ја минувале мислејќи само како да се уништат. Иако нивните компании, технички гледано, и ден-денес се конкуренти, меѓу Гејтс и Џобс никогаш немало лично непријателство. Нивните јавни расправи и надмудрувања би требало да се сфатат како конструктивна критика меѓу врсници, а не како лични напади. Всушност, тие меѓусебно се инспирирале. Двајцата повеќе пати во интервјуа си изразуваа голема почит. Гејтс изјави дека Џобс е еден од ретките што го инспирирале.

- Немаше никако помирување бидејќи ние не бевме во војна. Направивме прекрасни производи, а конкуренцијата секогаш е позитивно нешто. Немаше причина за простување - истакна Гејтс во една пригода.

Петти мит: Џобс мразел Јапонци

Ова е еден од најбесмислените митови за Џобс. Наводно, сè започнало во 2010 година кога шефот на „Епл“ се враќал од одмор во Кјото. Цариниците му пронашле неколку сувенири и настанало недоразбирање, па Џобс наводно изјавил дека веќе никогаш нема да оди во Јапонија. Што всушност се случило, никогаш нема да дознаеме, но официјалната верзија гласи вака: Стив летово ја посети Јапонија и се одмораше во Кјото, но инцидентите опишани на аеродромот се измислени. Стив си помина убаво и се надева дека наскоро пак ќе ја посети Јапонија.

Шести мит: Џобс секогаш си ги присвојувал заслугите

Ако некогаш сте ги гледале филмовите за „Епл“, логично е дека сте поверувале во приказната дека Џобс бил тежок нарцис кој си ги присвојувал сите заслуги за успехот на компанијата. Во многу сцени тој е прикажан како бог кој се спуштил на земјата меѓу куп незнајковци кои без неговата помош веројатно не би знаеле ни да запалат светло. Има и сцена во која коосновачот на компанијата, Стив Вознијак, бара од Џобс во говорот да му оддаде признание на целиот тим што работел на „епл 2“. Во реалноста, Вознијак знаел да каже дека Џобс се гордеел со екипата со која работел и им се воодушевувал на луѓето што го опкружувале.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот