X
 03.03.2020 Живот

И компаниите во кои сите сакаат да работат имаат мрачна страна

Флексибилнo работно време, организиран превоз во луксузни автомобили во сопственост на компанијата за која работите, кујни преполни со здрави и бесплатни пијалаци, опуштена работна атмосфера, соба полна со игри за вработените и работа со слушалки што ви помага да се исклучите од светот околу вас.

Ова за некого можеби звучи како опис на типичното работно место во „Гугл“ или „Фејсбук“, но во денешно време сè повеќе компании се одлучуваат за ваков пристап. Канцелариите сè помалку личат на „гулази“ во какви што некогаш се работело, а сè повеќе на места каде што би сакале да го поминеме слободното време.

А потоа се појави „Гугл“ и сè се промени.

View this post on Instagram

Ok Google Let's party ! #googleofficesingapore

A post shared by Patrick Chew (@chew_patrick) on


Вашите соработници станаа ваше „семејство“, вообичаените титули се заменети со „волшебници“ и „нинџи“, слободните денови станаа речиси неограничени, а создавањето рамнотежа меѓу работата и приватниот живот се претвори во работно-животна интеграција. Канцелариите добија соби за акупунктура и дремнување, а по 19 часот добивате и бесплатна вечера.

И додека некои ќе речат дека ова е работно место за кое многумина од нас може да сонуваат, новинарката Виреда Ариел Пардес тврди дека овој пристап ја упропасти работната култура, не само во Силициумската долина, туку општо.

Сè повеќе американски компании сакаат да бидат како „Гугл“, па имаат место за медитација, маси за пинг-понг, масажери, повеќе денови за одмор и други придобивки што би требало да ја зајакнат продуктивноста. И не станува збор за нови компании, туку стари како „Каргил“, голем дистрибутер на земјоделски производи. Неодамна оваа компанија ги редизајнира своите канцеларии и воведе либерална политика што се однесува до работата од дома.

- Можам да ви кажам дека минатиот месец потрошивме 34 милиони минути на видеоповици - изјави извршниот директор на „Каргил“, Џастин Кершо, и додаде дека одлуките за модернизација ги донеле по посетата на Силициумската долина.

Мајк Робинс, кој соработувал со „Гугл“ и „Мајкрософт“, тврди дека сите сакаат да го копираат она што го гледаат во тие успешни компании бидејќи сè што гледаат е успех, а додава и дека најголемиот извозен производ на Силициумската долина е токму тоа поместување на границата помеѓу бизнисот и приватниот живот.

Мрачната страна

Но, постои мрачна страна на приказната бидејќи како што границите исчезнуваат, станува јасно дека вработените постојано работат.

На пример, дури ни неограничените денови што ги воведе „Нетфликс“ не се гаранција за порелаксирана и посреќна работна сила. Истражување од 2017 година спроведено од „Сејџ бизнис рисрчр“ покажало дека токму овие компании имаат помалку искористени слободни денови од обичните компании. И другите придобивки имаат слични последици. Бесплатната вечера е поттик подолго да останете во канцеларијата, а куполите за спиење се неопходни бидејќи многумина остануваат на работното место по цела ноќ.

Поранешниот новинар Ден Лионс е еден од најголемите противници на овој пристап и токму затоа дал отказ од една таква компанија и почнал да пишува серијал за Силициумската долина што покажува колку е апсурдна оваа работна култура. Според него, сите придобивки се показател дека во сржта на секоја ваква компанија постои нешто лошо. За несреќата на вработените ја обвинува не само практиката на Силициумската долина, туку и деловниот модел што тој го нарекува „акционерски капитализам“. Секоја модерна ИТ-компанија е оптоварена со раст и профит, и тоа на штета на вработените, а во корист на инвеститорите. Сите овие погодности се само удобен начин на вработените да им се одвлече вниманието и да не се забележи дека крадат и ги претвораат луѓето во работохоличари.

Покрај тоа, тие успеале работохоличарството за туѓа корист да го претворат во нешто пожелно, па од 9 до 17 стана „996“ или од 9 наутро до 9 навечер, 6 дена неделно. Притоа, Илон Маск во една пригода изјавил: „Никој не го променил светот работејќи 40 часа неделно“.


Канцеларијата е само канцеларија



Дали има решение за сето ова? Можеби.

Во последните неколку месеци сè повеќе вработени почнаа да повлекуваат јасна граница и да признаваат дека нормата стана апсурдна. Веб-страницата „Верџ“ со својата репортажа за проблематичното работно опкружување во компанијата „Авеј“ успеа да го натера извршниот директор да поднесе оставка.

Вработени од „Авеј“ истакнаа дека директорот им испраќал заканувачки пораки преку апликацијата „Слак“, дека ги терал да работат за време на годишните одмори, а културата на малтретирање на работа станала неприфатлива. Но, репортажата не изненадила никого од Сицилиумската долина бидејќи тоа е вообичаен „модус операнди“ на повеќето компании што се наоѓаат таму, а слична е атмосферата и во случај на големите компании во индустријата на видеоигрите, во кои постојаната работа пред излегувањето на некоја игра предизвика лавина реакции во индустријата, но тешко е да се предвиди колку сето ова ќе се промени во практика.

Како што пишува авторката на текстот: „Можеби е време да почнеме да создаваме свет во кој канцелариите се само канцеларии, места каде што можеме да си ја сработиме работата и потоа да си заминеме“.

Извор:Index.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот