СОНК бара до 15 март да ги усогласат барањата со владините претставници, за да има време за промена на законски одредби или одредби од колективниот договор, за да може и вработените во образование да земат повисоки плати во април
Во Владата вчера преговарале претставници на Владата и членови на Советот на Синдикатот за образование, наука и култура. СОНК бара да се зголемат платите во дејноста образование, согласно зголемувањето на минималната плата. Исто така, било укажано и дека има големо незадоволство на вработените во образованието поради изедначување на платите на различни работни места со различна сложеност на работата, како и на фактот што платите изминатите неколку години воопшто не го следат порастот на минималната плата.
- Не договоривме ништо конкретно. Се обидуваат да направат математика и пресметка колку би тежело тоа покачување и затоа побараа неколку дена. Ние бараме усогласување на платите по колективен договор. Сега тие ќе пресметуваат колку би било тоа како сума и тогаш ќе преговараме дополнително - вели првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.
Согласно Законот за минимална плата, која изнесува 18.000 денари, ако се има предвид дека коефициентот за работно место хигиеничар во образование е 1,4, тоа значи дека со новата пресметка платата на хигиеничар треба да изнесува 25.000 денари. Коефициентот за сложеност на работно место за позицијата наставник во основно образование изнесува 2,503, па според тоа, платата на наставник треба да изнесува 45.054 денари.
Неделков потенцира дека СОНК бара до 15 март да ги усогласат барањата со владините претставници за да има време за промена на законски одредби или одредби од колективниот договор, за да може и вработените во образование да земат повисоки плати во април.
- Одлука уште немаме. Во преговори сме. Ние најавивме радикални мерки, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите - додава претседателот.