X
 03.03.2023 Наша тема

Ирена Ангеловска, докторанд во Нов Зеланд: „И оние што не знаеле за македонска песна, учат да ја пеат и да ја свират“

Горда сум што можев да останам своја меѓу сите луѓе во Нов Зеланд, да го формираме Македонскиот камерен хор, во секоја можност да запееме македонска песна и да кажеме кои сме во едно кобно време за Македонците, вели Ангеловска.

Од македонските народни евергрини „Битола мој роден крај“, „На Струга дуќан да имам“, „Македонско девојче“, па преку делата на Шуплевски, Гајдов, Прокопиев, Фирфов, Зографски и други, битолчанката Ирена Ангеловска, докторанд на Универзитетот во Окленд, ја шири македонската музика во Нов Зеланд. Во оваа островска земја, во југозападниот дел од Тихиот Океан, оддалечена илјадници километри оттука, оваа вредна Македонка и нејзиниот сопруг го формираа Македонскиот камерен хор со единствена цел да ја промовираат и зачуваат македонската музика, култура и традиција. Исто така, учествувајќи во други меѓународни музички проекти, таа не ја испушта можноста да настапи со наша мелодија, притоа поттикнувајќи музичари од други националности и култури да пеат и да свират македонски мелос.


Ирена Ангеловска

- Во Нов Зеланд живеат луѓе од многу култури. Културната разновидност има значајно место во општеството и се одржуваат многу фестивали. По посетата на неколку такви, со мојот сопруг решивме да покренеме иницијатива за создавање Македонски камерен хор. Во декември 2022 година го имавме и нашиот прв концерт, кој беше одлично прифатен од публиката. Во блиска иднина со хорот ќе имаме неколку настапи со кои дополнително ќе придонесеме за промоција на македонската култура во Нов Зеланд, а овој месец започнуваме и со подготовка на новиот материјал за следниот концерт - вели Ангеловска.

„Македонско девојче“ во изведба на уметници од целиот свет

Голем успех постигна во јануари годинава кога Ангеловска учествуваше на „Етно Нов Зеланд“, уметничка програма на ЈМ International за традиционална, фолк и светска музика која собира млади пејачи и инструменталисти од Нов Зеланд и други земји од светот со цел ширење на глобалното традиционално музичко наследство преку музички кампови, работилници и концерти што промовираат мир, толеранција, разбирање преку споделување и учење музика. На манифестацијата таа и 20 млади музичари изведоа инструментална и вокална музика од Нов Зеланд, Израел, Македонија, Монголија, Австралија, Јапонија, Ротума и Северна Индија со практикување усна традиција за изучување музика. Благодарение на фестивалот „Етно Нов Зеланд“, песната „Македонско девојче“ беше промовирана на глобална платформа. Во нејзината изведба учествуваа уметници од целиот свет.


Фото: Меган Бленерхасет

- Се одлучив за оваа македонска песна поради нејзиното значење за Македонците, но и поради ритмичките особености карактеристични за македонската музика. Нерамноделниот 7/8 ритам беше предизвик за учесниците, односно појавувањето на ритмичкиот елемент хемиола. Дополнителен предизвик беше изговорот на некои гласови кои не се употребуваат или поинаку се изговараат во англискиот јазик. Изведбата на завршниот концерт ја доживеав низ призмата на возвишената артистичка мисла, како музичар комплетно се препуштив во изведбата и си дозволив да уживам во настапот. Другите музичари беа фантастични. Никогаш нема да ги заборавам моментите кога си ја потпевнуваа мелодијата за време на паузите помеѓу работилниците - вели Ангеловска.

Докторанд на Универзитетот во Окленд - ја истражува културната разновидност

Дипломира на отсекот Музичка теорија и педагогија на ФМУ во Скопје. Се вработи во Државното музичко училиште во Битола, магистрира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а потоа замина на стручно доусовршување во Нов Зеланд. Неколку настани беа пресудни да го продолжи образованието во една од најоддалечените земји оттука: учеството на школата за мултикултурализам во Азербејџан, каде што ја презентира македонската култура, потоа нејзиното излагање за мултикултурализмот во музиката на панел-дискусија во Аугсбург, Германија; спроведеното истражување за мултикултурните елементи во наставните програми по музичко образование во основните училишта во Македонија. Универзитетот во Окленд ѝ понуди место во програмата доктор на науки по музичко образование и целосна стипендија. Моментално таа е докторанд-истражувач на универзитетот и наставник по музика.



- Темата на мојот докторат е во областа на културниот диверзитет во музичкото образование, еден од водечките принципи на новозеландскиот наставен план. Конкретно ги истражувам размислувањата на наставниците што предаваат музичко образование во основни училишта во Нов Зеланд за принципот културна разновидност од новозеландскиот наставен план и начинот на кој овој принцип влијае врз подготовката и изведбата на наставните програми по музичко образование, музичкиот репертоар што го употребуваат, наставните содржини итн. - додава Ангеловска.

Разлики меѓу македонскиот и новозеландскиот образовен систем


Еден од најважните сегменти од истражувањето е бикултурната социјална политика. Таа овозможува имплементирање на практиките и вредностите на културата на домородното население, Маори, кои биле колонизирани и се соочиле со губење на својот јазик, традиција и култура. Во денешниот новозеландски образовен систем има заживување на културата на Маорите. И учениците имаат можност да ги изучуваат јазикот те рео маори и маорската култура.


Фото: Меган Бленерхасет

- Новозеландскиот образовен систем е различен од македонскиот. За Нов Зеланд, карактеристичен е екстремниот културен диверзитет кој им дава простор на учениците од сите култури да се чувствуваат слободни во изразувањето и зачувувањето на нивната култура, јазик и традиција. Придонесува за намалување на предрасудите. Во Македонија овие сегменти отсуствуваат во наставниот план. Сметам дека во македонскиот наставен план треба да се направи содржинска реформа која ќе биде поддржана и оправдана со претходни истражувања со цел суштинска и долгорочна промена - нагласува Ангелевска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема