За патниците што се губат во пустината, барањето вода и засолниште може да биде вистински предизвик. Нова иницијатива на Саудиска Арабија треба да им помогне на лицата што ќе се изгубат во пустината да го најдат патот.
Мухамед Фохаид Ал-Сохајман Ал-Рамали, активист за околина и патник, се сетил на идејата да се постават ласерски светла во близина на изворите на вода во пустината откако повеќепати се изгубил во пустината и морал да биде спасуван.
- Многу луѓе го губат животот во пустината во близина на извори на вода бидејќи не знаат дека изворите на вода се блиску до нив - изјавил тој за „Араб њуз“.
Тој објаснува дека патниците што се губат во пустината може лесно да ги пропуштат изворите на вода бидејќи се вознемирени. Компанија во сопственост на Министерството за околина, агрикултура и вода на Саудиска Арабија неодамна ги поставила и вклучила првите 11 ласерски светла во пустината, а планира да постави и други наскоро.
Овие светла треба да им помогнат на изгубените патници полесно да стигнат до извор на вода навечер. Планот е да се постават 100 ласерски светла.
Според тимот на волонтери и спасувачи, минатата година во пустините во државата се изгубиле над 13.000 возила и 142 луѓе, од кои 28 го загубиле животот, а 14 не биле пронајдени.
Извор:
Arab News
Фото: Twitter