Ако сакате да додадете уште неколку години во вашиот живот, тогаш треба да го забрзате вашето темпо. Тоа е советот на австралиските истражувачи кои откриле дека брзината на одење може да го предвиди ризикот од смрт на рана возраст, предизвикана и од кардиоваскуларните болести, но и од широк спектар на здравствени состојби.
Вежбањето за подобрување на идните здравствени перспективи не е нов совет, со тоа што здравствените експерти препорачуваат половина час физичка активност секој ден.
-Прошетката со забрзано темпо е поврзана со ризикот од смртност од сите причини, но неговата специфична улога - независна од вкупната физичка активност на која се обврзува лицето - досега не добила никакво внимание - вели Емануел Стаматакис од Универзитетот во Сиднеј.
Истражување спроведено од Универзитетот во Сиднеј сега обезбеди докази што покажуваат дека постои значајна разлика меѓу бавната прошетка до автобуската станица и брзото пешачење.
За да открие каде започнува здравата физичка активност, истражувачите ги здружиле одговорите на повеќе од 50.000 луѓе од 11 истражувања спроведени во Англија и Шкотска помеѓу 1994 и 2008 година. Бидејќи одговорите биле поврзани со евиденција за смртност, тимот успеал да пронајде врска помеѓу брзината на движењето и вкупната стапка на смртност, смртни случаи од рак и од кардиоваскуларни болести.
Добрата вест е дека во просек, темпото ги намалува шансите за смрт за 20 отсто, во споредба со бавното пешачење. Кога станува збор за кардиоваскуларните болести, одењето со побрзо темпо ги намалува шансите за смрт од причинители како конгестивна срцева слабост или мозочен удар за речиси една четвртина.
-Брзо темпо на одење е одење пет до седум километри на час, но тоа зависи од нивото на физичка подготвеност. Алтернативен индикатор е да одите со темпо што ќе предизвика задишување или потење - вели Стаматакис.
Интересно е тоа што немало индикации дека брзината на пешачење имала разлика кога станува збор за заболување од рак, иако истражувачите сугерираат дека
приказната би можела да биде поинаква ако се фокусира на специфични услови.