Бројот на позитивни случаи на ковид-19 е зголемен за 65 проценти во споредба со минатата недела, но истовремено нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи, констатира на денешниот состанок Комисијата за заразни болести, информираат од Министерството за здравство.
Согласно овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од ковид во соседните држави и светот, Комисијата потсетува на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.
Дополнително, од Комисијата препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска, одржување растојание и почесто миење на рацете.
Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки.
Извор: МИА