X
 03.06.2022 Живот

„Најди го кучето, преврти го градот по вакцини, падна системот...“ Голготата на еден граѓанин каснат од куче-скитник

Каснувањето од куче-скитник во Македонија може да донесе многу проблеми, но веројатно никој не би помислил дека еден од тие проблеми би биле вакцините што треба да се примат.

Според процедурите објавени на страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство, доколку ве касне бездомно куче или мачка, веднаш треба да се јавите во најблиската здравствена установа за лекување на повредите и да го пријавите случајот во соодветните служби, но потребно е и детално да се опише животното што ве каснало, а доколку е можно, и да доставите фотографија од животното, како и да наведете прецизна локација за да може тоа да биде фатено во најбрз можен рок.

Но, како оди целата постапка во реалноста, покажуваат само искуствата на граѓаните. Не секогаш е можно добро да се види кучето што ве каснало, а во тој момент, ако сте сами, тешко и дека ќе ви текне да го фотографирате. Добивањето вакцини потоа, е сосема друга приказна.

Еден твитер-корисник веќе неколку недели преживува голгота со примањето вакцини по каснување од куче-скитник додека возел велосипед. Како што вели тој, имал среќа што повредата не била голема, но му била искината кожа, што барало медицинска помош и следење на протоколите за добивање вакцини.

- Кучето беше улично, дремеше во тревата покрај патот. Залаја друго куче од дворовите, па ова наеднаш рипна и ме нападна, одма проба да ме касне. Прво промаши и се оддалечи. Си реков ок, си отиде. Тоа местело нишан и вториот пат ме касна. Потоа свикав, застанав, кучето избега. Проверив, нема големо крвавење и може да се вратам сам. Се јавив на брза помош за консултација каде да одам за преглед/преврска. Од брза помош понудија возило, ама објаснив дека сум функционален. Ме упатија во „Св. Наум Охридски“ (стара Градска болница). Таму ме примија без проблем, почекав во ред и ме преврзаа, но немаа вакцини, па ме пратија во „8 Септември“ на инфективно. Во „8 Септември“ веднаш ме примија и ми дадоа тетанус, но немаа вакцини против беснило, па затоа ме пратија на Инфективна клиника во Клинички центар. Таму имаше огромен метеж и најнапорен дел од процесот беше да искомуницирам дека се работи за улично куче кое не го видов добро, па ми рекоа да се вратам и да го најдам. Постои некој протокол по кој во првите 24 часа треба да одите да го барате кучето што ве каснало. Откако успеав да објаснам дека нема многу поента да се бара улично куче кое го погледав може 5 секунди на отворен пат на кој потоа поминаа уште 10 улични кучиња, ми дадоа вакцина против беснило - сподели твитер-корисникот на денот кога беше каснат, наведувајќи дека го чекаат уште многу дози од вакцините против беснило и тетанус.

Уште тогаш тој ги пофали вработените во болниците, но наведе дека треба да го поминете целиот град за да добиете терапија.

Иако тогаш се чинеше дека приказната е завршена и дека останува само да се примат другите дози, се покажа дека системот може да изненади и кога најмалку очекувате. На денот кога требаше да ја прими четвртата доза од вакцината против беснило, твитер-корисникот сподели: нема вакцини.

- Најпрвин да потенцирам дека претходните две вакцини беа многу професионално и ефикасно дадени, без одлагања и бирократија. Секако, откако првиот пат се убедив со лекарите дека барањето на кучето нема голема поента. Утрово во Инфективна клиника сестрата ги прими моите документи и се пожали дека сè уште не им работи системот. По десетина минути прашав каде ќе ме вакцинираат и ми кажа дека немаат вакцини, бараат. Друга сестра наводно излезе да бара вакцини, но по уште 15 минути повторно прашав и ми рекоа дека воопшто нема вакцини против беснило и дека сестрите чекаат доктор за да даде насоки. Додека јас, чекам Инфективната клиника се полни со пациенти и на сите им се кажува дека системот не работи и дека не можат да почнат со прегледи. По уште 10 минути дојде доктор и на сите им се извини за доцнењето бидејќи немаат систем. Јас повторно прашав и докторот одговори дека вакцини нема, но дека со три примени дози и серум сум сосема безбеден. Наводно, по некој нов протокол кој се применувал во странство, се давале три вакцини. Но, треба да ми напишат извештај, а за тоа треба да проработи системот. Некаде кај 9:20 утрото системот „проработи“ и ме повикаа да ми дадат извештај. Со извештајот објаснија дека не сум во ризик зашто куче во урбана средина не е претежен носител на беснило. Исто така, ми објаснија дека вакцината и серумот чинат „едно мало богатство“ - околу 1.000 евра. Ми дадоа упат за „8 Септември“, ако има вакцини против беснило, да ја продолжам терапија. Не објаснија како се цени „мало богатство“ наспроти ризик за човечки живот и редовно плаќано здравствено осигурување, ниту објаснија како болниците немаат увид во централен инвентар на лекови - наведе твитер-корисникот.

Според него, сè почнува од нерешавање на проблемот со кучиња-скитници.

- Безброј вакцини и пресуди за отштета немаат никаква вредност кога ние и нашите блиски сè почесто сме во ризик да бидеме нападнати - дури и пред болница - вели тој.

На крај тој донесе и еден краток заклучок: „Велат дека во германскиот пекол е тешко, секој ден казнетите мора да јадат по една кофа гомна. Велат дека во македонскиот пекол е супер бидејќи или нема кофа или нема гомна.“

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот