09.11.2019
Живот
Колумна: Не треба да се плашиме од промената што сакаме да ја направиме
Го чувствувам зракот од сонцето како ме допира по грбот. Ги слушам брановите како маваат и ми предизвикуваат смирувачки ефект. Уживам и во кафето кое го пијам покрај целата убавина на овој свет. Ги гледам луѓето, некои брзаат, некои опуштено шетаат по кејот, се смеат, тажни се, се бркаат со децата или им даваат смоки на лебедите.
И црпам енергија од сè што е негативно и позитивно околу мене. Црпам енергија да бидат весела, да развеселувам, да помагам колку што можам, да сум со луѓето што ги сакам и да ги правам работите што ги сакам.
Станувам и сакам промена, во мене, во семејството, во градот, во светот. Сфаќам дека јас сум таа што треба да ја направи таа промена. Сфаќам дека луѓето не се оние што треба да судат и конечно стравот кој го чувствувам да направам нешто различно се губи. И со сите овие чувства што ме мотивираат чувствувам дека јас почнувам да живеам во магија, во сон. Чувствувам дека магијата која сега ме опкружува била секогаш со мене, но дури сега излегла.
Станувам и го почнувам денот со насмевка, сите нешта ги правам од срце и не се каам бидејќи знам дека ќе ми го покажат вистинскиот пат само доколку се од срце. Таа е таа магија што јас сега ја чувствувам околу мене. Магијата што била скриена во мене. И правеше работи само за другите да се чувствуваат среќни, а не јас. Но никој не е крив и должен за нашиот живот, нели. И во сите овие добрини и среќни моменти од животот си среќен и славиш. Но, не е сè така розoво и не трае сè така долго. Да беше така, пак, ќе беше здодевно и никогаш немаше да сфатиш што е среќа за тебе. Бидејќи кога на сцената настапува тага, ти созреваш во човек кој почнува да ги сфаќа вистинските работи во животот. Кога неуспехот ќе го порази успехот, ти ги согледуваш грешките и се менуваш во подобра личност.
Да, ти си човек кој живее како сите, ние сме само луѓе. Луѓе кои не треба да чекаме некој да дојде, туку ние да одиме ако сакаме да одиме. Ние сме луѓе кои не треба да се плашиме од промената што сакаме да ја направиме. Ние сме луѓе кои сакаат да го гледаат сонцето како изгрева и месечината ја осветлува ноќта. За да сфатиме што значи да си светлина на овој свет.
Автор: Марија Ванѓеловска (15), ученичка од Охрид