Љубете секој ден, нема ништо помоќно од љубовта! Таа ги отвора сите врати. Љубете без разлика дали некој ви направил зло или не, бидејќи постои нешто посилно од сите нас, нешто што на сите ќе им го покаже вистинскиот пат
Еве, за неколку дена и тој ден. Тој последен од оваа година. Тој ден кога сите празнуваме и сите сме среќни, тој ден кога сите славиме како никогаш дотогаш. Денот кога си посакуваме здравје, среќа, љубов за во наредната година. Денот кога си купуваме подароци, денот кога доаѓа долгоочекуваниот Дедо Мраз. Само тој ден е специјален.
Драги мои, јас на сите ви ја честитам од срце Новата година! Од срце ви посакувам секој ден да живеете со срце полно со љубов, ви посакувам да се будите секој ден здрави и насмеани. Знаете, на светот нема ништо поубаво од вашата насмевка. Секој ден бидете накитени со насмевка, дарувајте му ја на некој друг, но не заборавајте да ја задржите и за себе.
Љубете секој ден, нема ништо помоќно од љубовта! Таа ги отвора сите врати. Љубете без разлика дали некој ви направил зло или не, бидејќи постои нешто посилно од сите нас, нешто што на сите ќе им го покаже вистинскиот пат. Сè што правите правете го со љубов бидејќи само така ќе успеете и ќе го достигнете вашиот врв. И да, не заборавајте дека ако вие дарувате љубов, некој и вам ќе ви ја подари.
Правете собиранки со вашите најблиски почесто, не само за Нова година. 31 декември не е ништо поразличен од 31 јануари или од 5 април. Единствено нешто што останува убаво кога ќе си легнете ноќе во кревет се спомените. Спомените ја прават вечерта волшебна, спомените се оние што ви го прават секое утро поубаво!
Не бидете злобни и желни за одмазда. Секој човек еден ден ќе го добие она што го заслужува. Не сте вие тие што треба да одлучуваат за другите животи. Одлучувајте само за вашиот. Бидејќи кога му штетите некому, еден ден и вие ќе бидете оштетени.
Знаете ли дека можете да бидете Дедо Мраз секој ден? Да, да. Не се потребни скапи часовници, телефони, автомобили или играчки за да направите некого среќен. Подарете го вашето срце, вашата љубов и среќа, а воедно сочувајте и за себе. Бидете личноста во црвен костим што ги прави луѓето среќни. Да, знам дека не можеме сите да ги усреќиме и да им помогнеме. Но знам дека доколку направите барем еден човек среќен, тоа е доволно за светот.
Знам и дека постојат моменти кога не ви е до смеење, моменти кога сте нервозни, но истурете ја нервозата дома кога сте сами, немојте да дозволите вашата негативна енергија да се шири. Земете една кутија и оставете ја тука.
Не ми преостанува ништо друго освен повторно да ви ги честитам празниците што доаѓаат, да ви ја честитам Новата 2019 и повторно да ви посакам бесконечно огромна среќа и љубов. На сите родители, баби и дедовци, на сите деца, на сите тинејџери, на сите политичари, на сите водители, на сите пејачи, автори, композитори, на сите луѓе без разлика на вашата верска припадност, без разлика на вашата работна позиција или вашето богатство, ви порачувам да создавате среќа секој момент, да живеете среќно и да ги правите сите околу вас среќни!
Автор: Марија Ванѓеловска (15), ученичка од Охрид