Земајќи ги принципите од фракталната геометрија и шахот, британските и швајцарските физичари предводени од Феликс Фликер од Универзитетот во Бристол го смислиле најтешкиот лавиринт досега. Во обрасците познати како Аман-Бенкерови плочки, тие генерирале таканаречени Хамилтонови циклуси и произвеле сложени лавиринти.
А сето тоа било инспирирано од движењето на ловецот на шаховската табла. Имено, ловецот поместува два квадрати напред и еден настрана и го посетува секој квадрат од шаховската табла само еднаш, пред да се врати на стартниот квадрат. И ова е пример за Хамилтонов циклус чија почетна точка е и неговата крајна точка.
- Облиците на овие линии формираат неверојатно сложени лавиринти, големините на следните лавиринти растат експоненцијално, а има бесконечен број од нив - објасниле истражувачите во објавениот труд.
Атомска шема на квазикристали
Атомите во квазикристалите се распоредени поинаку од оние во кристалите, на пример, на сол или кварц. Досега се пронајдени само три природни квазикристали, сите во истиот сибирски метеорит. Првиот вештачки квазикристал е создаден случајно во 1945 година како дел од тестирањето на атомската бомба.
Британските и швајцарските физичари создале Хамилтонови циклуси за кои велат дека ја опишуваат атомската шема на квазикристалите. Нивните генерирани циклуси го посетуваат секој атом во квазикристалот само еднаш, поврзувајќи ги сите атоми во една линија која никогаш не се прекрстува, туку продолжува од почеток до крај, генерирајќи еден вид математичка шема, фрактал во кој најмалите делови личат на најголемиот. Оваа линија потоа природно создава лавиринт со почетна точка и излез.
Тешки математички проблеми
Многу други незгодни математички проблеми, од сложени системи за пронаоѓање пат до преклопување на протеини, би можеле да се решат на овој начин, велат истражувачите.
-Нашата работа, исто така, покажува дека квазикристалите можат да бидат подобри од кристалите. Молекулите што се виткаат ќе најдат повеќе начини да слетаат на неправилно распоредените атоми на квазикристалот - откриваат истражувачите.
Извор: bug.hr
Фото: University of Bristol