На повеќе од 3.000 метри надморска височина, во планините на Источна Калифорнија, расте едно од најневообичаените стебла во светот. Станува збор за бор за кој научниците проценуваат дека е стар околу 4.850 години, што го прави најстариот познат жив организам на Земјата.
Дрвото никнало долго време пред во Египет да бидат подигнати првите големи пирамиди, а неговата точна локација и денес се чува во тајност.
Борот го добил името Матусал, по библискиот лик кој симболизира долговечност.
Се проценува дека никнал пред околу 4.850 години, што значи дека расте уште од времето кога древните египетски цивилизации сѐ уште ги започнувале подготовките и изградбата на пирамидите. Во текот на својот живот ги надживеало подемот и падот на многубројни цивилизации, а секоја година и понатаму развива нови иглички.
Како е утврдена неговата старост?
Научниците ја одредуваат староста на ваквите стебла со броење на годовите. Тие земаат цилиндричен примерок од дрвото, при што дрвото останува неоштетено и продолжува да расте. Секој год претставува една година од животот.
Кај овој вид борови годовите се исклучително тесни бидејќи дрвјата растат многу бавно поради суровите услови. Токму тој бавен раст создава исклучително густо дрво кое е отпорно на гниење, инсекти и други надворешни влијанија.
Зашто никој не знае каде се наоѓа?
Иако Матусал е една од најголемите природни знаменитости во светот, американските служби никогаш не ја објавиле неговата точна локација. Причината е заштита на стеблото.
Искуствата од минатото покажаа дека познатите и лесно достапни стебла често трпат оштетувања бидејќи некои посетители кршат гранки, лупат делови од кората или го газат коренот.
Дополнителна причина за претпазливост е и настанот од минатиот век кога едно многу старо дрво од истиот вид беше исечено за време на научни истражувања, пред да се утврди колку било старо.
Поради тоа, посетителите денес можат да ја обиколуваат шумата по уредени патеки, но ниту едно стебло не е означено како Матусал.
За разлика од повеќето растенија, овој бор не успева на богата и плодна земја.
Расте на сиромашна варовничка почва, изложена на силни ветрови, суша и големи температурни разлики. Токму таквите екстремни услови го забавуваат неговиот раст, но истовремено му овозможуваат да живее значително подолго.
Дрвото што расте бавно станува исклучително густо и отпорно, па може да му одолева на пропаѓањето со векови.
Кај Матусал голем дел од стеблото одамна е изумрено, но тесна лента од жива кора и понатаму ги снабдува неколкуте гранки со вода и хранливи материи. Благодарение на тоа, ова неверојатно дрво опстојува речиси пет илјади години и претставува еден од најимпресивните живи сведоци на историјата на нашата планета.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Wikipedia