X
 03.09.2022 Живот

Лажна тревога - цел шпански град бил иселен по грешка

Во 60-тите години шпанската Влада го иселила историскиот локалитет кој требало да биде потопен од водата на новиот резервоар, т.е. вештачко езеро. Меѓутоа, тоа никогаш не се случило, а местото останало напуштено.

Овој средновековен град-тврдина денес е град на духови.
Шпанското гратче Гранадиља било иселено по грешка, а таа грешка скапо била платена. Ова село било иселено поради потребите за изградба на ново акумулационо езеро.

Целиот настан бил крајно трауматичен за мештаните, од кои многумина и денес се сеќаваат на тоа време на стравови и принудни акции. Тие биле иселени поради потопување што никогаш не се случило. Објаснувањето на властите било дека браната би го поплавила градот.

Тоа било практично невозможно бидејќи градот бил на поголема надморска височина од браната. Но, со оглед на тоа што било време на диктатура, жителите немале никакви права.

Градот бил евакуиран без причина

Сето ова почнало во 50-тите години, за време на диктатурата на Франциско Франко, кога Шпанија започнала голем проект на изградба на брани. Тоа бил еден начин да се забрза економијата во периодот на изолација.



Најголем од овие подвизи била акумулацијата Габриел и Галан на реката Алагон. Во 1955 година експертите задолжени за проектот утврдиле дека Гранадиља се наоѓа во зона на поплава и дека поради тоа жителите мора да се евакуираат.

Од 1959 до 1969 година сите 1.000 жители биле насилно иселени, а многумина биле преселени во населбите крај Гранадиља. Кога водата почнала да расте, го покрила целиот пат, освен дел од патот што водел до селото, претворајќи го во полуостров.

Самиот град никогаш не бил поплавен. И покрај тоа, на жителите не им било дозволено да се вратат. Дури и денес населението не смее да се врати во своите домови бидејќи Владата се држи до декретот за поплава потпишан од Франко.

Сепак, туристи може да го посетуваат местото на еднодневно патување.

Денес, туристите можат да го посетат овој историски град и можат да ѕирнат во празните куќи, да талкаат по улиците околу ѕидините и да го гледаат градот од врвот на замокот. Градот е прогласен за историско-уметнички локалитет во 1980 година и сега се води како музеј на отворено. Жителите и нивните потомци се среќаваат двапати годишно во градот, на 1 ноември и на 15 август, кога се верски празници.

Извор: b92.net
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот