Со 82 гласа „за“, без воздржани и против, Собранието на денешната 115. седница по скратена постапка го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, со кој се овозможува покачување од 5 отсто на платите во јавната администрација.
Пратеничката Јагода Шехпаска од СДСМ на собраниската говорница истакна дека со Законот ќе бидат опфатени сите вработени во јавниот сектор кои, согласно информациите од Министерството за информатичко општество за 2018 година, изнесуваат околу 138 илјади.
- Зголемувањето ќе биде за 5 проценти, средствата се обезбедени од Буџетот на РСМ и зголемувањето вработените во јавниот сектор ќе го добијат со септемвриската плата - рече Шехпаска и додаде дека зголемена плата ќе добијат сите буџетски корисници, вработените во јавни установи, локалната самоуправа, социјалните фондови, агенциите, како и професорите, докторите, здравствените работници, други вработени во јавен сектор.
Пратеничката Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека како пратеничка група поднеле амандман за зголемување на платите од 10 отсто за администрацијата.
- Две години сте на власт, а денеска првпат зборуваме за покачување на платите. Вчера имавме протест со кој беше блокиран цел град. Вакво незадоволство имаме кај многу вработени во јавниот сектор и затоа, за да си го исполните и вие вашето ветување, но и да ги задоволиме финансиските потреби на вработените во јавниот сектор, предлагаме зголемувањето на платата да не биде 5, туку да биде 10 проценти - рече Митовска.
Инаку, како што велат од Владата, ова е трето зголемување на платите во здравството и второ во армијата и образование и детските градинки.
Извор: МИА