Националната зоолошка градина и конзервациски биолошки институт „Смитсонијан“ неодамна објави неодоливо видео од едномесечната панда што го имаше својот прв ветеринарен преглед. Видеото беше споделено на официјалниот твитер-профил на зоолошката и привлече многу интернет-корисници.
Младенчето беше родено на 21 август од 22-годишната панда Меи Ксијанг.
Додека зоолошката го спроведувала прегледот, го снимила малечкото.
- Минатиот петок, на 25 септември, малечката
панда имаше краток преглед. Чуварите велат дека е силна, здрава и одлично напредува - пишува на видеото што го подели зоолошката.
Неговата мајка Меи Ксијанг е најстарата голема панда во Америка и втора најстара во светот што родила младенче. Исто така, ова е првпат зоолошка во САД да има успешна бременост и раѓање преку вештачко оплодување со замрзната сперма, пишува на официјалната веб-страница на зоолошката.
Фото: Smithsonian’s National Zoo
Моментално се прават анализи на ДНК на бебето-панда за да се открие дали е машко или женско.
- Нашиот центар за конзерваторска геномика ја анализира ДНК на младенчето за да знаеме дали е машко или женско. Резултатите ќе бидат готови за една до две недели. Бидете во тек со овие возбудливи вести - информираат од зоолошката.
Фото: Smithsonian’s National Zoo