По повод 150 години од раѓањето на еден од основоположниците на македонската уметност, Ѓорѓи Зографски (1871-1945), Националната галерија денескa, во 19 часот, ќе ја отвори изложбата во негова чест. На изложбата ќе бидат претставени 50-ина дела од сите творечки фази на авторот.
Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19 и почетокот на 20 век е Ѓорѓи Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки првпат кон крајот на 19 век го направил историскиот пресврт, поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство.
Зографски насликал уште педесетина портрети на свои блиски, како и портрети на видни личности од Македонија и од Србија. Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа. Куратори на изложбата се Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.