X
 03.11.2025 Живот

Маск ја лансира „Грокипедија“ - вештачка интелигенција против „Википедија“ во војна за вистината онлајн

На 27 октомври 2025 година компанијата на Илон Маск ја претстави „Грокипедија“, енциклопедија создадена со помош на вештачка интелигенција, која има цел да понуди пообјективна алтернатива на „Википедија“.

Платформата стартува со 885.279 статии, но предизвика голема дискусија поради копирана содржина и пристрасните текстови.

Иако Маск ја опиша „Грокипедија“ како чекор кон разбирање на универзумот, нејзиното лансирање беше проследено со технички проблеми и обвинувања дека многу статии се речиси идентични како оние на „Википедија“, при што е користена лиценцата „Криејтив комонс“. Од фондацијата „Викимедија“ реагираат дека дури и постоењето на „Грокипедија“ зависи од „Википедија“.

За разлика од доброволно уредуваната и транспарентна „Википедија“, „Грокипедија“ е профитна, вештачки генерирана и нема отворен пристап до изворниот код. Освен тоа, многу статии содржат теории на заговор и искажани пристрасности, вклучувајќи тврдења што се во спротивност со научниот консензус за вакцините, климатските промени и пандемијата.

Маск одамна обвинува дека „Википедија“ ја изгуби објективноста и често ја нарекува „Вокипедија“ (зборот доаѓа од „woke“ - англиски сленг израз кој првично значел свесен за социјални неправди и дискриминација, но подоцна често се користи иронично за да опише претерана политичка коректност или идеолошки пристап кон теми како пол, раса, политика или екологија). Неговата визија со „Грокипедија“ е да создаде платформа без идеолошка цензура, но многумина сметаат дека таа само заменува еден вид пристрасност со друг.

Џими Велс, основачот на „Википедија“, реагираше дека „Грокипедија“ не го решава проблемот со пристрасноста, туку таа е уште потешка за проверка, бидејќи уредник не е човекот.

- „Википедија“ не е совршена, но ја создаваат луѓе, а не машини - изјави Велс.

Овој судир меѓу човечкото знаење и вештачката интелигенција отвора поширока дискусија за тоа дали иднината на информациите ќе биде водена од алгоритми или од луѓе? Во свет каде што лажните вести се шират побрзо од вистината, вистинскиот предизвик останува критичкото размислување - не само кој ја пишува енциклопедијата, туку и кој ја проверува.

Извор: Evirmagaci.org
Фото: Screenshot/Grokipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот