Бизнисмените мразат состаноци, а Илон Маск и Џеф Безос имаат брилијантно решение за овој проблем.
Поранешен вработен во компанијата „Спејс екс“ на интернет-сервисот „Куора“ ја опиша стратегијата што ја користел Илон Маск за состаноците да бидат попродуктивни и поефективни.
Маск верува дека состаноците треба да се одржуваат само кога се навистина неопходни и на нив треба да присуствуваат само оние луѓе што се неопходни. Во една пригода тој прашал еден вработен зошто е присутен на состанокот кога воопшто не кажал ни збор.
Иако звучи сурово, сепак, е вистина. Ако немате причина да бидете на состанокот - без разлика дали станува збор за учество во одлуките или за забрзување на процесот - тогаш не присуствувајте.
Освен тоа, во постот поранешниот вработен во „Спејс екс“ вели дека состаноците се скапи. Инженерската саатница чини помеѓу 80 и 100 долари. Ако има десет инженери на состанокот, тоа компанијата би можело да ја чини и околу 1.000 долари на час.
Маск не е единствениот директор што цени ефективни состаноци. Основачот и извршен директор на „Амазон“, Џеф Безос, се придружува кон „правилото со две пици: ако два италијански специјалитети не се доволни за да се најадат сите присутни, на состанокот учествуваат премногу луѓе“.