X
 04.02.2016 Здравје

Како вашата депресија може да го повреди вашето дете?

Кен Вајт може да каже дека навистина имал среќа. Кога тој бил хоспитализиран поради депресија во 2014 година, неговата сопруга Катрина, го поддржала неговото лекување, истовремено грижејќи се за нивните три деца, кои знаеле дека нешто ужасно се случува со нивниот татко.

Кога депресијата погодува, вели Вајт, кој се борел со болеста повеќе од 16 години, навистина е исцрпувачки, а нејзините ефекти можат да ги почувствуваат и сите членови од семејството. Болеста го спречила да биде вклучен и да им помага на своите деца со домашните задачи како и да присуствува на училиштите настани. После се`, тешко е човек да биде присутен за своите деца кога умот се бори со анксиозност, безнадежност и страв, вели тој.

Едно ново истражување го потврдува она што Вајт го доживеал во текот на неговата борба со депресијата: родител со депресија има директно негативно влијание врз своите деца. Истражувањето објавено онлајн на 3 февраури од „JAMA Psychiatry“, ги анализирало ефектите од родителската депресија врз перформансите на училиште кај децата. Истражувањето открива дека кога на родителот му е дијагностицирана депресија, тоа е поврзано со лошите резултати на училиште кај деца од 16 години.

Истражувањето следело повеќе од 1.1 милиони шведски деца, испитувајќи ги ефектите од родителската депресија за време на различни временски период, од пред раѓањето на детето, до возраст од 16 години. Авторите открија дека децата кои имаат клинички депресивни родители имаат полоши резултати на училиште отколку нивните врсници кои имаат здрави родители. Иако сите деца биле погодени од дијагнозите на нивните родители, депресијата кај мајката има далеку понегативен ефект отколку таткото, а поврзаноста со лошите резултати на училиште била најсилна кај девојчињата.

Авторите на истражувањето велат дека „дијагнозите на депресијата кај родителите може да има далекусежно влијание врз важниот аспект на развојот на детето, со импликации за идните резултати во нивниот живот“. Со оглед на тоа што слабиот успех на училиште е силен индикатор за иднината на здравјето и потенцијалот на детето, поврзаноста помеѓу депресијата на родителите и образованието на детето треба да се сфати сериозно, па експертите препорачуваат интервенција и поддршка за децата од засегнатите родители.

Алемика Берлинер, лиценциран професионален советник кој работи со деца на училишна возраст и со нивните родители, се согласува дека лекувањето на родителите им помага и на децата. Во нејзината пракса, таа била сведок на голем број деца со недостапни родители кои не само потфрлиле на училиште, туку општо во животот. Но, кога причината за недостаток на интерес е депресијата, и родителот успешно се лекува, се гледа значително подобрување во семејството кое резултира со промена на резултатите и подобрување на децата и на училиште и воопшто во животот. Со други зборови: доколку сте депресивни, побарајте помош, ако не за вас, барем за доброто на вашите деца.

Во случајот на Вајт, неговата сопруга која е клинички детски психолог, успеала да им обезбеди поддршка на нивните деца додека нивниот татко бил на болница.

„Дури и после две хоспитализации, моите деца се чинеа посилни, веројатно затоа што мојата сопруга беше одлична поддршка. Но лесно можат да видам како би отишле по друг пат доколку ја немаа таа поддршка“, вели Вајт.

„Резултатите од истражувањето треба да ги охрабрат родителите да побараат помош и да и` пристапат на болеста сериозно и методично“, вели Вајт.

Додека бил хоспитализиран, тој научил како подобро да управува со неговата депресија.

„Ќе се случи повторно; тоа е работата. Но сега имам алатки како да се соочам со болеста“.

Неговата порака до родителите кои страдаат од депресија? - Признајте дека ви е потребна помош. Најдете пријатели, членови од семејството и професионалци кои ќе ви обезбедат вистинска поддршка. А ако вашиот/вашата сопруг/а или сакана личност страда од депресијата, најдобро би било да и`/му кажете: „Не знам што би можел/а да направам, но што и да е, ќе го направам. Ќе ти помогнам, ќе те однесам кај луѓе кои би можеле да ти помогнат. Дозволи ми да ти помогнам“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје