Холандскиот град Ротердам ќе го демонтира својот историски мост Конингшавен за да може да помине суперјахтата на основачот на „Амазон“, Џеф Безос.
Јахтата, која се гради во блискиот град Албласердам, ќе биде најголемата во светот.
Одлуката за демонтирање на мостот за да се дозволи јахтата да ја напушти Холандија доаѓа и покрај тоа што официјалните лица во 2017 година ветија дека мостот никогаш повеќе нема да биде демонтиран.
Историскиот мост, познат кај локалното население како Де Хеф, бил изграден во 1878 година и морал да биде обновен откако бил бомбардиран од нацистите за време на Втората светска војна.
Марсел Валравенс, портпарол на градоначалникот на Ротердам, изјави за локалните медиуми дека целиот процес ќе трае неколку недели.
- Има многу кабли на Де Хеф и штом ќе го отстраните првиот, тој повеќе не работи. Потоа го отстрануваме средниот дел и со малку среќа ќе го вратиме еден ден подоцна. Ќе биде потребна уште една недела за да се врати сè на свое место - изјави тој.
Градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб, се обиде да ја оправда одлуката со тврдењето дека изградбата на суперјахтата вредна 430 милиони евра, која ќе има придружен брод за поддршка и хелиодром, донесе многу нови работни места во регионот.
Сепак, одлуката предизвика гнев кај населението.
- Овој човек ги заработи парите со притисоци врз персоналот, затајување данок/регулативи и сега треба да го урнеме нашиот прекрасен национален споменик - вели Стефан Ливис, советник на локалната партија Зелена левица.
Безос вети дека ќе плати за демонтирањето на мостот, кое се очекува да се случи ова лето.
Извор:
Vice.com
Фото: Freepik