X
 04.03.2019 Живот

Американците размислуваат за легализација на марихуаната во сите сојузни држави

Американскиот сенатор Кори Букер вторпат најави закон со кој би се легализирала рекреативната употреба на марихуаната во САД.

Со овој закон, кој беше најавен од страна на демократот Букер и претставниците Барбара Ли и Ро Кана, не само што би се легализирала марихуаната туку и ретроактивно би се избришале обвиненијата за поседување марихуана од криминалните досиеја на Американците.

Кори Букер претстави сличен закон и во 2017 година, но немаше успех. Сепак, Букер, кој се надева дека ќе биде претседателски кандидат од редовите на Демократската партија, разјасни дека голем дел од неговата кампања ќе биде фокусирана околу ставање крај на војната против дрогата, која довела до затворање на припадници на расните малцинства за криминални дела што не се насилни.

- Неуспешната војна против дрогата всушност беше војна против луѓето - непропорционално криминализирајќи ги сиромашните луѓе, обоените и луѓето со ментални болести - напиша Букер на „Твитер“.

Американската унија за граѓански слободи (АЦЛУ) известува дека веројатноста некој црнец да биде уапсен за поседување марихуана е четири пати поголема отколку кога станува збор за белец, и покрај сличниот степен на користење на дрога.

Кога неколку американски сојузни држави ја легализираа рекреативната употреба на марихуана, тоа им беше од голема корист на богатите бизнисмени белци, кои отворија дистрибуциски центри, додека црнците и понатаму беа апсени, пренесува „Вокс“.

Новиот закон би им овозможил на луѓето што се во затвор поради поседување марихуана да поднесат жалба и да побараат нова пресуда. На оние што веќе ја отслужиле казната, пак, ќе им бидат избришани криминалните досиеја.

- Не е доволно само да ја декриминализираме марихуаната. Мораме и да ја поправиме штетата што е предизвикана така што одново ќе инвестираме во заедниците кои биле најповредени од војната против дрогата. И мораме да ги избришеме досиејата на оние што ја отслужиле казната. Крајот кој го бараме не е само легализација, туку правда - истакна Букер.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот