Нов вид на визуелна илузија го тера мозокот на луѓето да гледаат блескави зраци, иако зраците воопшто не постојат.
Новооткриената илузија е составена од едноставна шема на концентрични венци на обична бела позадина. Но, речиси секој што ќе ја види илузијата, може да забележи светли зраци што произлегуваат од центарот на дизајнот, како сончева светлина што избива низ облаците. Гледачот ги гледа овие непостоечки зраци, бидејќи мозокот „ги поврзува точките“ помеѓу одредени делови на венците.
Мајкл Карлович, визуелен уметник со предзнаење во невронауката, во 2019 година ја создаде оваа визуелна илузија како лого за неговата дизајнерска компанија „Рекрусија студиос“.
- Кога првпат ја видов илузијата што ја создадов, веднаш сфатив дека гледам во ефект што претходно го немав видено. Бев пријатно изненаден, но на крајот збунет за тоа каков може да биде механизмот што лежи во основата на ефектот - вели тој.
За да дознае повеќе, Карлович се здружил со Паскал Волиш, психолог и научник за податоци на Универзитетот во Њујорк, за да спроведе научно истражување за дизајнот.
Дизајнот на
илузијата е составен од концентрични венци, секој составен од пар полигони, кои пак се направени од два хептагони (седумстрани многуаголници). Гледачите ги гледаат овие пресечни точки во венците како „светли точки“, бидејќи тие се најтенкиот дел од венците. Бидејќи светлите точки на секој концентричен венец се преклопуваат едни со други, мозокот создава зраци меѓу нив, иако нема промена во бојата на позадината.
- Мозокот ги поврзува точките за да произведе илузорни сегменти - вели Карлович.
Сепак, овој ефект е минлив и ако го тргнете погледот, зраците за кратко исчезнуваат или стануваат посилни.
Сосема нова илузија
Визуелните илузии кои го мамат мозокот да види нешто што не постои не е нов феномен, но начинот на кој функционира оваа посебна илузија не е проучен и документиран претходно.
- Овде имаме пример кога мозокот конструира илузорни зраци низ немрежни региони, кои инаку треба да бидат празни - вели Карлович.
Карлович и Волиш експериментирале со различни конфигурации за да утврдат кои аспекти влијаат најмногу на ефектот.
Тие прво експериментирале со големината на илузијата. Исто така, експериментите открија дека вртењето на дизајнот го прави ефектот на зракот посилен. Јачината на ефектот исто така се зголеми со повеќе венци во дизајнот.
Освен што служело како лого за компанијата на Карлович, истражувачите сметаат дека оваа илузија има дополнителен потенцијал за истражување.
- Како и другите илузии, и оваа илузија хопотетички може да се користи како стимул во идните истражувања поврзани со сознанието и видот - вели Карлович.
Извор:
Livescience.com
Фото: Michael Karlovich, Recursia LLC