X
 04.07.2026 Наша тема

Димитар Петрески, најдобар студент на Православниот богословски факултет: „Верата е темелот во човековиот живот врз кој се гради личноста“

„Доколку човекот би бил добар теолог, тој би го спознал светот како нешто добро, би се спознал самиот себе, својот Бог и својот ближен“, истакна Димитар Петрески, кој беше прогласен за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Димитар е најдобар студент на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и ова признание го смета за голема чест и одговорност.

- Пред сѐ, тоа признание го доживувам како Божји благослов, а не само како една лична заслуга. Овој пат не го поминав сам, туку со Божја помош, благодарение на поддршката од моите ближни, како и несебичното залагање на професорите од Православниот богословски факултет. Да се биде еден од подобрите, значи да се биде постојано одговорен и трудољубив, а со тоа да се биде пример за добро во светот и општеството, притоа имајќи го постојано за пример нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Затоа, со ова признание уште поголема станува одговорноста да продолжам да работам и понатаму уште повеќе да се усовршувам - вели Петрески за Факултети.мк.

Интересот за богословија кај Димитар се јавил при крајот на неговото основно образование кога всушност почнал почесто да оди во црква на светите божествени литургии.

- На тој начин ја стекнав љубовта кон науката за Бога и се решив своето средно образование да го продолжам во средното богословско училиште ,,Свети Климент Охридски” во Драчево. Никој во моето семејство не се занимавал со теологија. Сето тоа беше благодарение на Божјиот љубовен призив, кој силно и длабоко одекна во моето срце и преку Семудрата Божја промисла одговорив позитивно на него - открива Димитар.




За Димитар, студирањето бил континуиран процес кој бара постојана концентрација поради обемот и длабочината на богословските предмети.

- Православната црква премудро го построила своето учење на тој начин што сите предмети во текот на студирањето се поврзани еден со друг и водат кон истата цел, а тоа е Христос. Во текот на студиите секој студент има можност да се запознае со различни богословски области: библиските и егзегетски науки, систематско и историско богословие, како и практичните дисциплини поврзани со литургискиот и пастирскиот живот на Православната црква. Мене особено ме привлекуваа предметите поврзани со Светото писмо на Стариот и Новиот Завет и нивното толкување, Библиската историја, како и патрологијата, догматиката, литургиката, етиката и црковното пеење. Тие предмети постојано го прават жив духот на Црквата бидејќи ги отвораат портите кон вистинското знаење за Бога, ги истакнуваат пристапот и методите на нивното изучување од страна на најголемите и најсвети отци на Црквата, а со тоа даваат одговори на најсовремените прашања и дилеми во светот - го сподели Димитар своето искуство од студирањето.

Во текот на четиригодишните студии на Православниот богословски факултет професорите постојано биле тука да дадат сѐ од себе, да ги подучат студентите, да им помогнат и да ги советуваат.

- При колоквиумите и испитите имаа големо трпение и разбирање, кое придонесуваше за искрен интерес, зголемување на љубовта и напредокот на студентите во теологијата. Со еден збор, дел од нив татковски се грижеа за нас по примерот на Семудриот Учител, Христос - вели Петрески.

Димитар во моментот е вработен како референт во Митрополијата на Дебарско-кичевската епархија, која е под раководство на митрополитот дебарско-кичевски, г. Георгиј, од чија рака бил ракоположен во ѓаконски чин.

- Во иднина сакам стекнатото знаење да го ставам во служба на Црквата и народот. Образованието не завршува со дипломирањето, туку тогаш започнува нова фаза на учење и одговорност пред Бога, Црквата и народот - смета Димитар.



Според него, теологијата не е само обична наука, туку многу повеќе и затоа не треба да ѝ се пристапува само како на академска дисциплина.

- Ако на теологијата ѝ пристапуваме само како на академска дисциплина, тогаш се губи нејзината најважна димензија – духовната, која е и најважната страна во животот на човекот. Доколку човекот би бил добар теолог, тој би го спознал светот како нешто добро, би се спознал самиот себе, својот Бог и својот ближен. Со тоа човекот би имал многу поголема грижа и одговорност кон општеството и татковината - истакна најдобриот студент.

Димитар верува дека преку образованието, дијалогот и личниот пример може да се помогне верата да стане посуштински разбрана и поискрено живеена.

-Свети апостол Павле во своето послание до Евреите боговдахновено ни кажал: ,,Верата е подлога на увереноста во она на кое се надеваме и убеденост во она што не се гледа“ (Евр. 11, 1). Верата е непроменлива во својата суштина. Таа е прва од трите добродетели заедно со надежта и љубовта. Таа е темелот во човековиот живот врз кој понатаму се гради личноста. Верата не е само една обична формална традиција. Таа е многу повеќе од тоа. Она што човекот може да го промени во верата е начинот на нејзиното разбирање, живеење, толкување и пренесување. Често човекот знае многу за црковните обичаи, а малку за нивната суштина. Човекот треба да ја сфати верата не само како традиција која се наследува, туку како живот што се живее во Бога. Верата е изворот и смислата на животот. Верата е причината зошто во светот постојано надвладејува доброто, па макар колку и да ни изгледа обратно. Затоа верата е еден суштински елемент во општеството врз кој се гради карактерот на човекот, а особено кај младите - вели Димитар.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема