X
 07.06.2024 Наша тема

Дејан Радуловски, најдобар дипломец на Институтот за историја со просек 10,00: „Кога студирате со љубов, успехот е неизбежен“

Историјата е таква наука - колку повеќе истражувате, толку помалку знаете. Односно, како што би рекол Сократ: „Знам дека ништо не знам“. Токму тоа ја прави историјата интересна и привлечна наука, вели Дејан Радуловски, еден од најдобрите студенти на УКИМ

Ректоратот на УКИМ им додели награди на најдобрите дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година, а еден од нив е Дејан Радуловски. Тој дипломира на Филозофскиот факултет, на Институтот за историја. Наградата му претставува големо достигнување и исполнување на соништата.

- Ретко кога трудот вистински се цени во Македонија. Токму оваа награда ми покажува дека се движам на вистинскиот пат. Особено би сакал да им се заблагодарам на моите професори, семејството и колегите, без кои не би го постигнал ова - вели Дејан.

Љубовта кон историјата - најсилна мотивација


Дејан ни сподели дека и во основно и во средно училиште бил добар ученик, но имал големи проблеми со природните науки, особено со математиката.

- Можеби тоа беше причината што кај мене се разви особен интерес кон општествено-хуманистичките науки. Кога првпат се запознав со предметот историја, јас бев речиси одлучен во која насока ќе оди моето образование. Мојата одлука да студирам на историја беше донесена уште во основно образование. За тоа особено влијаеше мојот наставник по историја од основно образование, на кој сум му благодарен до ден-денес. Средното образование го завршив во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“, односно медицинското стручно училиште во Битола - вели Дејан.



Љубовта кон историјата го водела во текот на целото студирање. Желбата да истражува што е можно повеќе постојано го одржувала на вистинскиот пат.

- Кога студирате нешто со љубов, според мене, успехот е неизбежен. Притоа не треба да се заборави и влијанието на професорите и начинот на нивното предавање, кои постојано ве стимулираат да дојдете до нови сознанија. Историјата е таква наука - колку повеќе истражувате, толку помалку знаете, односно како што би рекол Сократ: „Знам дека ништо не знам“’. Токму тоа ја прави историјата интересна и привлечна наука - додава Дејан.

Особено бев фокусиран кон истражување на модерната историја на Европа


И покрај тоа што ни сподели дека имал сомнеж и голем број неодговорени прашања околу тоа дали студирањето ќе биде како што очекува, сепак ги надминал своите очекувања, успеал да стане најдобар студент на Филозофскиот факултет и да дипломира со 10,00 просек.

- Да се оствари успехот, се разбира дека беше тешко. Особено се сеќавам на тоа дека речиси половина од летото го поминував над книга, додека моите пријатели постојано се забавуваа. Но верувајте, кога правите нешто со љубов, тежината како да не се чувствува. Постојаното учење, како и мојата дисциплина, овозможи да одржам еден континуитет во текот на моето студирање. Особено бев фокусиран кон истражување на модерната историја на Европа. Кај голем дел од историските настани во периодот помеѓу седумнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, последиците можеме да ги забележиме и денес. Како што знаеме „Historia est magistra vitae“. Класичен пример за тоа претставува и Руско-украинската војна, каде што спротивставените интереси на засегнатите страни можат да се забележат уште во втората половина на деветнаесеттиот и првата половина на дваесеттиот век - појаснува Дејан.



Без политичка партија тешко е да се вработите во Македонија

Тој сега студира на втор факултет, но истовремено е и на постдипломски студии на Институтот за историја.

- Сметав дека политичките студии би ми овозможиле да се надградам како историчар. Се разбира дека визија и зацртани цели постојат, но веќе тука навлегуваме во една друга сфера од нашиот живот. Да не заборавиме дека во Македонија без политичка партија тешко е да се вработите како хаузмајстор (без навреда за професијата), а да не зборуваме што би било потребно за да станете професор на факултет. Напредокот во Македонија е условен од многу нешта. Амбициозноста и мотивираноста постојат кај мене, но никогаш не ја исклучувам можноста своето образование да го продолжам надвор од државата, особено во едни вакви услови кога англискиот јазик се користи на речиси 90 отсто од универзитетите во Европа, што ја олеснува можноста за студирање надвор од Македонија. Притоа во моментот го изучувам и германскиот јазик, со што потенцијално би се отворил простор за мене да ги продолжам студиите и во некои од земјите под германско јазично подрачје - ни изјави Дејан.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема