По ланското движење на граѓаните за слободни плажи и против нелегално поставените лежалки и чадори од баровите, кое од островот Парос се прошири во други делови на Грција, сега грчката Влада изгласа нов закон, а премиерот Кирјакос Мицотакис најави дека ќе се стави ред на плажите, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку видео објавено на „Тик-ток“, Мицотакис детално и практично објаснува што предвидува и што не предвидува новиот закон, кој веќе доби зелено светло од парламентот.
- 70 отсто од површината на плажата треба да биде слободна и ќе треба да постои минимално растојание од четири метри од морето до првиот ред лежалки, за да немаме повеќе ситуација кога лежалките беа во вода - рече Мицотакис.
Објасни дека за плажите што се во заштитените области Натура, наместо 70, ќе треба да биде слободна 85 отсто од површината, односно лежалки и чадори ќе биде дозволено да бидат поставени на само 15 отсто од плажата.
Дополнително, првпат се воведуваат и т.н. „негазени плажи“ со посебна еколошка вредност каде што не се дозволени лежалки или воопшто каква било експлоатација.
За да се добие лиценца за користење плажа, задолжително ќе биде учеството на електронска лицитација, а по добивањето, концесионерот ќе биде обврзан да ја чисти плажата, да обезбеди пристап за лица со инвалидитет и да постои спасувач.
-Изгласавме нов закон кој става ред на нашите плажи и во суштина прави три работи: обезбедуваме слободен пристап на сите плажи за сите, користиме нови технологии како за тендерите за плажите така и за контролите и воведуваме построи казни за оние што ќе го прекршуваат законот - рече грчкиот премиер.
Во однос на спроведувањето на законот, истакна дека ќе има многу поинтензивни контроли и построги казни за прекршувачите.
- Прво, многу повеќе контроли и употреба на технологијата. Ако видите некој дрон да лета над плажа, може да е во рамките на контролите што ќе ги спроведуваме. Второ, вие самите ќе ни помогнете да го спроведеме законот. Како? Преку специјална апликација на која јасно ќе се гледа на кое место од плажата и на колкав дел ќе може да се постават чадори и лежалки. А ако концесионерот на кој било начин го прекршил законот, ќе ни го пријавите тоа. Да ни кажете и ние ќе спроведеме контроли. И на крај, зголемување на казните. Доста високи за да знаат сите дека ќе постојат, не само строги економски последици, туку дури и затворање на бизнисот што ќе го прекрши законот - порача грчкиот премиер.
Посочи дека законот не се однесува на урбанистичко планирање и условите за градба, а задолжителното растојанието од 50 метри од крајбрежјето за градење не се менува.
-Засега толку и чекаме да дојде летото за да уживаме во многу послободните наши плажи - рече Мицотакис на крајот од видеото на Тик Ток, кое како и секогаш кога објавува на конкретната социјална мрежа е во поопуштена атмосфера и со поопуштен тон.
Движењето на граѓани за слободни плажи од Парос поттикна граѓани низ цела Грција да организираат идентични активности за да побараат спроведување на законот што се однесува на доделените концесии за баровите на плажите.
Извор: МИА