X
 15.09.2019 Образование

На Балканската олимпијада по информатика во Атина македонски ученици освоија три медали

Ученици-информатичари од нашата земја освоија три медали - еден сребрен и два бронзени на Балканската олимпијада по информатика (БОИ). Олимпијадата се одржа од 9 до 14 септември во Атина, Грција, а нашите ученици постигнаа голем успех освојувајќи еден сребрен и два бронзени медали.

Сребрениот медал го освои Мартин Динев од с. Пирава, Валандово, додека двата бронзени ги освоија Андреј Величковски од Куманово и Благојче Павлески од Прилеп. Четврти член на македонскиот тим беше Владимир Шарковски од Скопје, а со тимот раководеа Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

бои

Заедно со овој резултат, оваа година македонските ученици на интернационалните натпревари по информатика во Грција, Азербејџан и Словенија освоија вкупно 2 сребрени и 5 бронзени медали. Според претседателот на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), д-р Миле Јованов, ова е доказ дека нашите ученици можат да се носат рамо до рамо со своите врсници низ целиот свет. Уште повеќе, оваа година во Атина беше освоен најсилниот медал за Македонија, по поени близок до златните медали.

Главен организатор на БОИ 2019 беше Здружението на информатичари на Грција, со поддршка од грчкото министерство за образование и верски работи. На овогодишниот натпревар учествуваа 44 натпреварувачи од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и од Турција. Како претставници на земја-гостин на олимпијадата, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија.

Учениците од македонскиот тим за БОИ 2019 година беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, организиран од ЗИМ. Следната Балканска олимпијада ќе се одржи наредната година во Словенија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование