X
 07.05.2024 Живот

Насилство, училиштата во колапс: Што се случува со германскиот образовен систем?

Како што пишува „Дојче веле“, има денови кога на германската министерка за образование ѝ одат работите како подмачкани. На пример, кога се доделуваат годишни награди на најдобрите наставници, а министерката Бетина Старк-Ватцингер ја има честа да одржи говор пред добитниците на наградата. Меѓу нив, на пример, е и професор по математика кој, според неговите ученици, знае како да го предава овој тежок предмет на возбудлив начин. Или дефектологот кој во својот театарски проект вклучил ученици во инвалидски колички. Или наставник кој на часовитте користи видеа кои ги направил сам.

Но истовремено, во изминатите неколку недели и месеци, едно по друго истражување јасно покажуваат дека на германскиот образовен систем итно му е потребна дополнителна настава. Прво, во ПИСА-истражувањето во декември, германските студенти постигнаа полошо од кога било по математика и читање.

Потоа, во Истражување за млади во 2024 година, токму овие млади луѓе ги критикуваа очигледните недостатоци кога станува збор за дигитализацијата во училиштата и истакнаа дека тоа не ги подготвило за светот на работата и реалниот живот. А потоа, во таканаречениот Училиштен барометар, речиси секој втор наставник (47 отсто) изјавил дека лично бил сведок на психичко или физичко насилство меѓу учениците.

- Овие резултати покажуваат дека системот е болен. Зборуваме за малтретирање, зборуваме за вандализам, но и за физички пресметки, од кои некои се случуваат надвор од училишниот двор. Дури и слушнавме дека родителите биле вмешани во некои од тие настани - вели Дагмар Волф, поранешна наставничка која го води Одделот за образование на фондацијата „Роберт Бош“ во Штутгарт.

Насилство дури и во пониските одделенија

Некогаш би било незамисливо сенаторот за образование на Берлин да испрати писмо до 800-те училишта за да предупреди на гласините кои се шират на социјалната мрежа „Тик-ток“ за „Националниот ден на силувањето“, 24 април, кога сексуалните напади наводно се дозволени.

А и геополитичките кризи и војни имаат влијание. Дагмар Волф раскажува дека наставниците известуваат ека бројот на насилни инциденти помеѓу учениците се зголемил поради војната во Газа и Израел.

Освен тоа, грешат оние кои мислат дека сето тоа е проблем само кај постарите ученици - случаи на малтертирање и физички пресметки се јавуваат и кај учениците од од прво до четврто одделение, односно кај децата од 6 до 10 години.

1
Фото: Freepik

Заклучокот на Дагмар Волф е овој: кога станува збор за образованието, Германија е поделена земја. Од една страна, има повеќе од 3.000 средни училишта во кои условите и предизвиците се сосема различни од оние во другите училишта, во кои првенствено учат деца, односно млади луѓе од мигрантско потекло, како и оние од „образовно обесправено потекло“. И покрај тоа, постои тешка задача за сите училишта во Германија: интеграција на децата-бегалци.

- Во последните две години, во образовниот систем интегриравме повеќе од 200.000 деца од Украина и најмалку исто толку деца од други земји кои се борат со економски тешкотии или војна во нив беснее. Се разбира, ова ја прави ситуацијата во училиштата многу потешка отколку пред десет години - вели Волф.

Социјалниот работник Торстен Милер од сојузната покраина Северна Рајна ги објаснува причините за зголемениот стрес, исцрпеноста и недостигот на самодоверба и мотивација кај младите, сите појави забележани во Анкетата за млади 2024 година.

- Одлучувачки фактор секако е употребата на мобилниот телефон. Тоа го промени начинот на меѓусебна комуникација. Младите повеќе зборуваат едни за други отколку меѓу себе и со тоа се јавуваат недоразбирања кои досега ги немавме. Дополнително, сè уште се справуваме со последиците од ковид-пандемијата, со губење на безбедноста и значително зголемување на бројот на психијатриски заболувања - вели Милер.

Повеќемесечното затворање на училиштата за време на пандемијата се смета за најголема грешка во политиката на Германија за справување со коронавирусот: додека училиштата во Франција беа затворени само 56 дена, во Шпанија 45, а во Шведска 31 ден, германските ученици имаа онлајн часови повеќе од 180 дена.

Милер забележува дека младите луѓе денес често имаат „многу пократок фитиљ“, односно имаат поголема веројатност да се караат наместо да разменуваат аргументи.

Како да се подобри ситуацијата?


Помали паралелки со ист број наставници, развиен систем на асистенти, зголемена социјална работа и повеќе училишни психолози. Тоа е рецептот на Милер за враќање на германските училишта на вистинскиот пат.

- Потребни ни се многу луѓе кои можат да предаваат германски како странски јазик. Потребен ни е помошен кадар во областа на училишната психологија, асистенти, обучени луѓе за работа со млади луѓе. Проблемот е што веќе не успеваме да најдеме кадар лесно, бидејќи демографскиот развој е во спротивност со потребите, тие стануваат сѐ поголеми, а квалификуваните луѓе што ги бараме има сѐ помалку и помалку - вели Стефан Дул, претседател на Здружението на германски професори.

И така расте фрустрацијата кај наставниците, кои сè почесто мораат да бидат посредници во конфликти наместо да предаваат. Резултатите од училишниот барометар зборуваат сами за себе: според тоа истражување, секој трет наставник се чувствува емотивно исцрпен дури и по неколку дена. Повеќе од една четвртина (27 отсто) од анкетираните би ја напуштиле својата работа во училиштето иако огромното мнозинство наставници сè уште се задоволни од работата. А најголемиот предизвик сега е однесувањето на учениците.

Затоа е потребен поголем персонал за да се спречи насилството. Доколку се надминат одредени граници, тогаш помага само политиката на нулта толеранција.

- Во одреден момент доста е и се наоѓаме во областа на кривичното право со пријава во полиција, за барем малку да ги заплашиме децата. Ова важи и за случаите на мобинг. А кога станува збор за сајбер-мобинг, многу директори на училишта ги пријавуваат тие случаи во полиција - вели еден директор на средно училиште во Баварија.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот