X
 04.11.2022 Живот

Околу 45.000 луѓе излегоа на улиците во Мадрид барајќи поголеми плати

Околу 45.000 луѓе вчера излегоа на улиците во Мадрид барајќи повисоки плати.

Протестот наречен „Плата или конфликт“ беше организиран од два водечки шпански синдикати - Генералниот синдикат на работниците (UGT) и Работничката комисија (CCOO).

Според една неодамнешна студија на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), шпанските работници ќе забележат намалување на нивните реални плати за 4,5 отсто во просек оваа година поради инфлацијата.

Тоа е една од најголемите загуби. Германските работници се очекува да доживеат пад на реалните плати за 2,9 отсто, а американските работници се очекува да изгубат само 0,6 отсто од она што го заработиле во 2021 година.

- Платите во Шпанија се намалуваат како што се зголемуваат трошоците за живот. Во меѓувреме, големите компании го зголемија профитот од повеќе милијарди долари и им делат дивиденди на акционерите - напиша на „Твитер“ министерот за потрошувачки прашања Алберто Гарзон, давајќи им поддршка на протестите.

Стапката на невработеност во Шпанија изнесува 12,6 отсто, открија официјалните податоци објавени во четвртокот.

Шпанија минува низ најголема инфлација во последните 30 години и историски пораст на цените поради последиците од руско-украинската војна, а квалитетот на животот на граѓаните е ослабен со намалувањето на нивната куповна моќ.

Шпанското Министерство за земјоделство, храна и рибарство на почетокот од месецот објави извештај во кој се наведува дека годишната куповна моќ на шпанските прехранбени производи првпат паднала под 600 литри/килограм.

Просечниот годишен трошок за полнење на фрижидерот и шпајзот за Шпанците за периодот август 2021 - јули 2022 година е 1.698 евра. Таа бројка е за 5,3 отсто помала од најниската куповна моќ досега забележана во таа земја.

Истовремено, Здружението за заштита на потрошувачите (ОКУ) објави дека секој Шпанец троши во просек 15,2 отсто повеќе за полнење на својата потрошувачка кошничка од минатата година, што е најголем пораст во последните 34 години, односно од 1988 година од кога се мери оваа статистика.

Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот