X
 04.12.2018 Живот

„Невестата на Јадранот“ е пред давење

Црна Гора ќе загуби езера и заливи доколку набрзо не донесе план за контролирање на ерозијата на земјиштето околу тие водни површини, предупредува ирански експерт за ерозија на земјиштето.

Иранскиот професор од техеранскиот Универзитет „Тарбијат Модарес“ и експерт за ерозија на земјиштето, Абдулвахед Каледи Дарвишан, оценува дека Црна Гора сè уште има време превентивно да дејствува за да ја спречи забрзаната ерозија на земјиштето, за разлика од Иран, каде што езерото Урмија, кое е заштитено од Унеско, полека исчезнува. Слична судбина ги следи и Биоградското Езеро и Бококоторскиот Залив, предупредува професорот.

- Сè уште сте во златното време за превенција на забрзаната ерозија на земјиштето во Црна Гора. Тоа значи дека е многу поевтино и полесно да се проучи и измери ерозијата на земјиштето на наклоните и седиментите во реките. Овие студии би дале основни информации за да се пресмета моделот и да се подготват сите потребни мапи и податоци за управување со земјиштето во државата - истакна Каледи.

Тој појасни и дека ерозијата е природен процес на транспортирање на цврстите нешта (земјата, блатото, камењата) преку влијание од ветриштата, дождовите, водата или поместувањата кои се условени од силата на гравитацијата и конечно таложење на еродираниот материјал. Додаде и дека процесите се јавуваат насекаде на планетата, но дека степенот на процесот во природата обично не е многу висок. Меѓутоа, тој тврди дека степенот на ерозија се зголемил поради сè поголемото човечко влијание.
Професорот додава и дека новата стапка на ерозија на земјиштето се нарекува забрзана. Како пример ја наведува забрзаната ерозија по изградбата на патиштата на планинските падини околу езерата и заливите, а такво нешто во Црна Гора забележал при посетата на Скадарското Eзеро и Бококоторскиот Залив.

Според Каледи, паметните влади во светот против забрзаната ерозија се борат со превенција, што е најдобро и најевтино решение. Тој тврди дека во тој случај клучни се образованието и ангажирањето на локалните, а не на странски експерти.

- Не смеете да брзате со странски решенија (експерти). Краткорочно ќе добиете резултати, но треба да имате контрола над проблемот доколку сакате правилно долгорочно да го решите - заклучува тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот