X
 04.03.2026 Живот

Американски камион крпи до 146 дупки дневно со загреан асфалтен спреј

Неколку градови во САД го користат камионот „Кимлајн ПС“ за пополнување дупки како дел од борбата против сообраќајните несреќи. Со помош на технологијата „Дирапачер“, камионот може да закрпи една дупка за само две минути користејќи асфалтен спреј.

Благодарение на оперативната брзина, „Кимлајн ПС“ значително го зголемил просечниот број на санирани дупки дневно, од 20 на 146, што претставува зголемување од седум пати. Откако оштетувањето ќе се запечати со спрејот, патот повторно се отвора за сообраќај во рок од две минути.

„Кимлајн ПС“ моментално се користи во Тексас, а официјални лица во Акрон, во сојузната држава Охајо, веќе го прогласија за трајно решение за проблемите со дупките.

- Многу е издржлив. Ова е трајно решение за дупките. Нема повторно да излегуваме за три до шест месеци за да ја пополнуваме истата дупка - изјави Ентони Доли, заменик-директор на јавните комунални служби на градот Акрон.

Како функционира системот?

Дизајнот на технологијата „Дирапачер“ вклучува голема млазница поврзана со камион. Камионот е наполнет со асфалтна емулзија слична на катран, која по загревање се прска директно во дупката.

Процесот на пополнување се одвива во три чекори. Во првиот чекор млазницата се поставува на растојание од 23 до 30 сантиметри од дупката, додека вградениот компресор користи воздух со голема брзина за отстранување остатоци и вода што би можеле да го попречат процесот на поправка.

 

Во вториот чекор емулзијата складирана во резервоар од 1.136 литри се загрева и се прска по ѕидовите и дното на дупката. Потоа се нанесува заштитен слој од сув агрегат за да се спречи лепливата емулзија да се залепи на гумите од возилата.

Камионот е опремен со помошен мотор од 74 коњски сили, како и со моќен компресор со шестстепен менувач и бруто-тежина од 15 тони. Може да прими околу 10 тони материјал за крпење, што овозможува пополнување повеќе дупки во текот на еден ден.

Возачите управуваат со машината преку голем управувач со четири копчиња. Во кабината има и дигитални екрани што прикажуваат податоци за извршената работа, различни мерења, вкупниот број завршени поправки и вкупниот број работни часови.

Помали трошоци, но и предизвици

Бидејќи за управување со целиот систем е потребна само една личност, камионот ги намалува трошоците. Дополнително, пристапот е потенцијално побезбеден бидејќи ја намалува потребата од повеќе работници и тешка механизација на терен.

Сѐ уште останува да се види дали овој камион ќе стане вообичаено решение во градовите. Градските власти во Акрон издвоиле 300.000 долари за два камиона, посочувајќи ја високата цена како главна пречка за поширока примена.

Некои очевидци велат дека системот понекогаш има проблеми при израмнување на површината по пополнувањето, што може да создаде мали испакнатини. Ќе се покаже дали овој камион ќе стане клучно решение во борбата против 55 милиони дупки на улиците низ земјата.

Извор: Klix.ba
Фото: Screenshot/Youtube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот