Електронските пораки одамна ги заменија телефонските повици како примарно средство за бизнис-комуникација. И токму поради тоа, испраќањето импресивни електронски пораки е клучно за деловен успех.
Еве еден мал водич за тоа како да го составите секој дел од електронското деловно писмо.
Наслов
Насловот треба да биде конкретен. Треба да му каже на оној што ќе ја чита пораката за што точно сакате да комуницирате. Иако насловот многупати се остава како празно поле, тој ја има важноста како насловите во весниците, ако го заинтересира оној до кого е адресирана пораката, ќе продолжи да чита, ако не, ќе ја остави настрана.
Вовед
Во воведот секогаш треба да употребувате стандардизирани и формални фрази колку што е можно повеќе, освен ако претходно веќе сте комуницирале и се постигнала некаква блискост.
Непрофесионалниот вовед може да ве чини многу.
Содржина
Ова е главниот дел на писмото; причината зошто пишувате.
Најважно во овој дел е секоја реченица да биде јасна. Ако имате три или повеќе параграфи, можеби треба да размислите да скратите и на некој начин да се изразите поедноставно.
Ако главниот дел ви е подолг од 5 реда, веднаш разделете го на параграфи. Златното правило за електронско писмо е да биде јасно. Исто така, треба да избегнувате да пишувате кратенки и јазикот мора да биде формален и литературен.
Завршен дел
Завршниот дел обично се стандардизирани фрази како „со почит“ „ви благодарам однапред“... и се разбира - целосен потпис. Не заборавајте да ставите име на компанијата и генералии.
Следен пат кога ќе пишувате електронско писмо следете ги овие правила.