X
 05.01.2022 Наша тема

Гитарата до елката е новогодишниот декор на Ружица: Во 2022 година „Ареа“ одбележува 30-годишнина

За новогодишните празници традиционално го украсуваме домот со елка. Да признам, не сум многу по украсувањето и не ги следам новите трендови на украсување, искрено за Факултети.мк раскажа Ружица од „Ареа“.

Култната музичка рок-група „Ареа“, со чии песни пораснаа многу генерации, во 2022 година ќе одбележи голем јубилеј -  три децении постоење на македонската музичка сцена. Имавме можност да поразговараме со извонредниот вокал, фантастичната Ружица Милошеска-Брчиоска или едноставно Ружица од „Ареа“. За почеток, направивме ретроспектива на 2021 година.

-  Колку и да се трудам да најдам нешто позитивно во годината што измина, да бидам искрена, тоа никако не ми успева. 2021 година ќе ја паметам по ковид-кризата, по глобалното економско назадување, по настојувањето животот да го ставиме во некоја нормала во услови на пандемија, по ограничување на нормалните активности и движење, за жал, и по поделба на луѓето поради воведувањето на ковид-пропусниците и буквално одземањето на слободата на една категорија граѓани. Во 2021 многу од нас сфатија дека светот и не е толку розов, дека многу пласирани информации како вистина се лаги, многумина од нас изгубија доверба во авторитети во кои претходно веруваа и сл. Но и по тоа дека сепак „Ареа“ успеа да им се врати на свирките и иако не во толкав обем како претходно, успеавме на направиме неколку концерти во неколку места во земјава - вели Ружица.


30 години од формирањето

За претстојната 2022 година, таа силно верува дека ќе ѝ ставиме крај на пандемијата. 2022 година е посебна година за бендот бидејќи одбележува јубилеј.

- Во 2022 година „Ареа“ ќе го издаде својот седми албум, а истата година бендот ќе го прослави својот јубилеј - 30 години од формирањето и по тој повод, секако доколку условите го дозволуваат тоа, планираме албумот да го промовираме концертно насекаде низ Македонија - рече таа.

Дочекот на Новата година овој пат им е испланиран во домашен амбиент во кругот на блиското семејство.

Дали ги прославувате Божиќ и Бадник?

-  Божиќ и Бадник ги прославуваме традиционално, како и другите христијани во Македонија. За Бадник секоја година дома си организираме вечера на која редовно е и мојата мајка, кршиме лепче кое го меси мајка ми и ја бараме паричката. За Божиќ, традиционално ги посетуваме родителите на Ивица. За мене, Божиќ има посебно значење од духовен карактер, тоа го означува раѓањето на Христос, синот Божји кој, според мене, ги донесе за човештвото најважните поуки за животот и кои доколку се применуваат, носат живот исполнет со висока етика и морал - раскажува Ружица.




Украсување на домот

- За новогодишните празници традиционално го украсуваме домот со елка. Да признаам, не сум многу по украсувањето и не ги следам новите трендови на украсување, така што со такви активности не можам многу да се пофалам. За тоа повеќе се грижи нашата ќерка Елена, која има смисла за декорација - раскажува Ружица откако ни прати фотографија со елката, а ние веднаш ја забележавме гитарата, на што таа вели: Ете, тоа е сѐ од моето украсување!


Новогодишна честитка

- Посакувам Новата 2022 година на сите да ни биде исполнета со здравје и многу љубов. Среќна Нова!

Подготвил: Александра Овчарска - Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема