X
 05.02.2022 Наша тема

Симболите на македонското копаничарство толкувани од Злате и Јане Крстески

„Симболи на македонското копаничарство“ е интересна книга која говори за тоа како Македонија нема лавови, но лавот се јавува во многу македонски црковни резби, а лавовски шепи има и на саркофазите во кои се пренесувале посмртните останки на македонски револуционери и светци

Сонцето, крстот, јарецот, акантот или магарешкиот трн, дабовиот желад, афионот, македонските јазли се најупотребуваните симболи во македонската резба. Тие се дел од педесетина автохтони симболи што ги имаат издвоено врвните македонски копаничари Злате и Јане Крстески од Битола во книгата „Симболи на македонското копаничарство“, каде што ги декодираа нивните пораки. Книгата објавена пред десет години не губи од својата оригиналност и значење. Содржи приказ на македонскиот копаничарски код, броејќи 280 страници со објаснувања за зародишот и континуитетот на резбата преку текст и илјада фотографии. Таа е резултат на долгогодишно истражување на таткото и синот во црквите, манастирите, археолошките локалитети, библиотеките, музеите во Македонија. Воедно имаат изработено многу иконостаси, царски двери, архијерејски тронови, целивални и друго за цркви и манастири во Македонија и во странство.


Злате Крстески

- Ние ги декориравме сите симболи што ги врежале копаничарите од праисторија до денес, симболи во керамика, камен, метал, мозаици, дрво. Врската е непрекината од минатото до денес и докажува дека Македонија е лулка на копаничарството на Балканот - вели Злате Крстески, протомајстор по копаничарство од Битола, основач на Здружението на копаничари на Македонија.

Сонцето е симбол на вечниот живот, а крстот се украсува со детелини и шишарки


Сонцето е еден од најстарите копаничарски симболи и го претставува вечниот живот и извор на светлина и топлина. За него речиси секогаш е резервиран највисокиот дел на иконостасите, а е работено во различни форми во зависност од резбарските школи. Сонца има на мермерната надгробна плоча во „Св. Пречиста“ во Кичево, во пештерската црква „Св. Архангел Михаил“ во Радожда од 17 век, на иконостасот во црквите „Св. Димитрија“ - Битола од 18 век, а од 19 век во „Св. Ѓорги“ во Лазарополе. Сонца има и во „Св. Благовештение“ во Прилеп, „Св. Богородица“ Каменско - Охрид, „Св. Никола“ с. Брод, „Св. Ѓорги“ во Паралово, во близина на гробот на војводата Ѓорги Сугарев, „Св. Атанасиј“ - Новаци и низ други храмови. Сонцето е врежано на долапите и таваниците во старите македонски куќи.
Крстот е застапен во копаничарските изработки низ целиот Балкан, но според Крстески, нашиот автохтон е еден од најбогатите, на сите четири краци има детелина. Стара традиција на македонските иконостаси е крстот да се украсува и со шишарки зашто се верувало дека крстот на кој бил распнат Христос бил од иглолисно дрво. Многу често до крстот се поставува и птицата феникс како симбол на бесмртноста. На крстот на ореолот се изведуваат и знаци алфа и омега како симболи на вечна егзистенција.



Кентаури, лавови, ламји, двоглав орел...

Во подножјето на крстот се резбаат ламји, чувари на симболот на христијанството. За разлика од поширокото сфаќање кај народот за ламјата како ѕвер, повеќето резбарски центри во Македонија ја прикажуваат како позитивно суштество, чувар на олтар, трон, дрво на животот. Чуварската улога на ламјите е опишана и во народните песни собрани од браќата Миладиновци: „На водата Господ стопан кладе, сура ламја мршојадна“. Во македонските резби се јавуваат и други митски суштества како кентаур - спој на лавовска сила и човечки интелект, а го има изрезбан во манастирот Трескавец, Прилепско, од 16 век и во црквата „Св. Никола Болнички“ во Охрид од 14 век и други.


Јане Крстески

- Двоглавиот орел долго време се сметаше за симбол на Албанија, Русија, Србија, но тој се провлекува и кај нас од неолитот до денес. Орелот гледа на исток и запад, што значи дека на двете страни се протега христијанството. Изрезбан е на фреска од 16 век во манастирот Зрзе, на резба во „Св. Јован Бигорски“, а на мермер од 11 век во Водоча Струмица - велат Крстески.



Но, има и претстави на вистински животни, како еленот кој ја симболизира душата на верникот, а лавот како симбол на бестрашноста, буден чувар, царско достоинство кое му припаѓа на Исус. Го има и на парчиња накит откриени на македонска територија, и тоа обетки од Охрид од 4 до 3 век пр.н.е., од Демир Хисар 6 век пр.н.е., врежан лав во Баргала во 3 век, мозаик со лав на Плаошник во Охрид и во нартексот на големата базилика во Хераклеја. Лавови се среќаваат во резбите во „Св. Јован Бигорски“, „Св. Димитрија“ Битола, „Св. Петка“ Маловишта и во многу други храмови.

Лавовски шепи и македонски симболи на саркофазите на великаните

Шепи од лав ги држат саркофазите на корифеите и великаните на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, Никола Карев, како и на светецот Агатангел Битолски. Истражувањето покажало дека постои континуитет на положување и пренесување посмртни останки на македонски великани и важни документи во саркофази и ковчези во резба. Слични симболи имаат саркофазите на свети Климент, Делчев, Карев, Агатангел Битолски, па и на ковчегот за Декларацијата за независноста на Македонија.

- Заеднички е тоа што имаат сонца, желади, акант. Саркофагот на Климент е резбан во оревово дрво, како и ковчегот во кој биле пренесени останките на Гоце Делчев од Софија во Скопје. Тој и саркофагот во кој биле пренесени посмртните останки на Никола Карев од Кочани во Крушево имаат ногалки во вид на шепи од лавови - велат Крстески.

Во книгата пишува дека саркофагот со кој се пренесувале моштите на св. Климент Охридски е изработен во охридско-дебарска резба во 1893 година од Јоаким и Нестор од село Гари, а потоа реставриран во 2001 г. од копаничарот Стефчо Гроздан од Охрид.



Саркофагот во кој беа пренесени посмртните останки на Гоце Делчев, во 1945 година го изработил Нестор Алексиев за 21 ден, работејќи и дење и ноќе за да стигне навреме. Резбата содржи македонска плетенка од Слепченската школа, акантови лисја (симбол на вечноста), цветчиња, гранчиња, ловоров венец, ликот на Делчев и паролата „Слобода или смрт од Револуционерниот комитет“. Дилема му била дали во тогашната политичка констелација смее да изработи крст на саркофагот. Му било дозволено, па го изрезбал на рачката од капакот, стилизиран со украсни лисја.



Посмртните останки на Никола Карев од Кочани во Крушево биле пренесени во саркофаг со изрезбан афион, тутун, жито и други македонски мотиви и елементи.
Копаничарите Злате и Јане Крстески ги направија и саркофагот за моштите на свети Агатангел Битолски и ковчегот во кој по повод 20-годишнината од независноста на Македонија, во 2011 година, беше пренесена Декларацијата на независноста од Собранието во Музејот на македонската борба и државност. На капакот вградија оригинална стара сребрена пафта, кујунџиски изработена со фолклорни елементи, геометриски симболи и слично. Резбата е изработена со симболи преземени од пафтата, а по пренесувањето остана во Музејот како траен културно-историски артефакт.






Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема