X
 05.03.2021 Технологија

„Гугл“ најавува крај на индивидуалното следење на корисниците

„Гугл“ ветува дека наскоро ќе престане индивидуално да ги следи корисниците за реклами и нема да развива нов начин за вакво следење.

Технолошкиот гигант е една од најголемите компании што продаваат реклами и го поседува познатиот прелистувач „Хром“. Сепак, тој одлучи да ги елиминира колачињата за индивидуално следење на корисниците.

Регулаторот за конкуренција на пазарот во Обединетото Кралство во јануари изјавил дека планот на компанијата да ги елиминира колачињата, со што ќе се споделуваат многу помалку информации со компаниите што се рекламираат преку производите на „Гугл“, ќе има значајно влијание врз пазарот за рекламирање и онлајн-вестите. Меѓутоа, одредени критичари сметаат дека на тој начин „Гугл“ ќе биде во предност бидејќи има други начини за добивање лични информации од корисниците.


Фото: Pixabay

Што се колачиња?

Колачињата привремено чуваат мал број информации за активностите на корисникот на одредена веб-страница. На пример, тие може да „помнат“ работи, на пр., што се наоѓа во корпата за пазарење на корисникот и дали корисникот е вклучен во одреден профил.

Одредени колачиња може да се користат за „следење“ на корисникот на повеќе веб-страници, па така една веб-страница може да знае дали сте разгледувале сличен производ како нејзиниот на друго онлајн-место. Овие податоци помагаат во персонализираното рекламирање, односно ќе почнете да гледате реклами на повеќе места поврзани со нешто што сте го пребарувале.

„Гугл“ сака да се ослободи од овој вид колачиња, кои „Мозила фајрфокс“ и „Сафари“ веќе ги блокираат.


Фото: Pixabay

Критичарите се загрижени дека со ова компанијата ќе ги спречи ривалите да собираат корисни информации додека „Гугл“ ќе продолжи да го прави тоа. Од компанијата изјавиле дека откако ќе се ослободат од овие колачиња, нема да развиваат алтернативни начини за следење на индивидуалците додека го користат интернетот и нема да ги користат во нивните производи.

Сепак, елиминацијата на овие колачиња нема да значи крај на персонализираното следење бидејќи компаниите веќе користат нови методи за собирање лични информации, како таканаречените „отпечатоци“ (англ. fingerprinting), со што компаниите се обидуваат да извадат разни информации за уредот на кој користите интернет. Со ова компанијата не го знае вашето име, но може да ве следи со вашиот уникатен отпечаток на интернет.

Во меѓувреме, „Гугл“ ќе продолжи да продава реклами и ќе работи на решение со кое ќе се задоволат и компаниите што се рекламираат на интернет. Еден начин е криење на индивидуалците во големи групи со слични интереси за да не може да се препознае историјата на пребарување на еден корисник.

Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија