05.07.2024
Образование
Просечна оценка на државната матура годинава е 3,25, поништени испитите на 268 ученици
Просечната оценка што ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25. Споредено со минатите години, постои намалување на просекот (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година), кое, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот, е резултат на заострените мерки при полагањето овој пат.
Вкупно 14.834 пријавени кандидати на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.
Резултатот е, информира директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска - откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.
Како што рече Михајловска, најголем број прекршувања на правилата за полагање на државната матура се констатирани во СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје, вкупно 32, потоа во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје, каде што се изречени 18 мерки, во СОУ „8 Септември“ – Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СОУ „Методија Митевски – Брицо“ – Скопје и ЦСНО „28 Ноември“ – Дебар. Во СУГС „Цветан Димов“ – Скопје се изречени 12 мерки за отстранување од процесот на полагање на државната матура.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска за следната година вети две новини кои смета дека ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната матура.
- Ќе инсистирам полагањето на државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде што има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање - истакна Јаневска.
Втората мерка се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.
- Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите што ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците - додаде министерката.