Променив два факултета, едниот беше во Москва, другиот во Белград. Тоа значи дека сум била на предавање кај повеќе од 25 професори од различни краеви во светот. Никој од нив го немаше она поради кое младите од цел град стоеја на една нога за да го слушнат предавањето на Владета Јеротиќ.
Психологија ни предаваа Владета Јеротиќ и Славољуб Радоњиќ. Две сосема различни енергии. Такви беа и нивните предавања - еден пројунговски, друг профројдовски. Генијална идеја што го полнеше амфитеатарот.
Се сеќавам на Јеротиќ, така ситен зад огромната катедра, а се чувствуваш како да стоиш пред планина. Тогаш сфатив дека луѓето со вистинско знаење никогаш немаат потреба да демонстрираат колку се големи и важни. Тивок, смирен глас, скромност, сериозност... така го помнам.
Јеротиќ во секое предавање уфрлуваше краток дел за децата, воспитанието, семејството, машко-женските односи. Нѐ научи зошто мама и тато најмногу треба да се сакаат до крајот на третата година од животот на детето. Да, баш тогаш кога бракот поминува низ најголемите турбуленции и предизвици. И ако не се согласуваат - без кавги пред детето, научете да разговарате. Зборуваше зошто е важно идната мајка, додека е трудна, да го носи детето радосно. А дотогаш не знаев дека радосно и весело не е исто!
И илјада пати размислував колку среќа имавме ние што го слушавме во живо. Потсвесно веројатно многу од неговите предавања ги применив и на своето дете.
Владета Јеротиќ повеќе не е со нас. Не гледам личност што би го заменила во системот на нарушени вредности на нашето општество. Да нѐ врати кога ќе залутаме, да објасни зошто чесноста и скромноста секогаш ќе бидат доблести и да ни каже зошто на нашите деца многу повеќе им влијае она што ние го правиме отколку средината и лошото општество.
Невропсихијатарот
Владета Јеротиќ почина вчера во Белград во 95-тата година од животот.