X
 05.09.2022 Здравје

Периодот на инкубација на ковид-19 се намалил со текот на времето

Периодот на инкубација од инфекција со ковид-19 до симптоми или прв позитивен тест се намалил како што еволуирал вирусот, па така од 5 дена, инкубацијата се намалила на 3,5 дена, наведуваат истражувачите од Универзитетот во Пекинг во нова студија. Кај варијантата алфа периодот на инкубација беше околу 5 дена, за тоа време да се намали на 4,5 дена за бета-сојот, 4,4 дена за делта и 3,4 дена за омикрон.

- Прецизни факти за периодот на инкубација на болеста се од големо значење за дефинирање на случајот, контролирање на новонастанатите закани, процена на траењето на инфекцијата, следењето на развојот на болеста, следењето на контактите и откривањето на секундарните случаи, како и за воспоставување програма на јавното здравје, чија цел е намалување на локалните трансмисии - наведуваат авторите на студијата.

Истражувачите анализирале 142 студии објавени во периодот меѓу декември 2019 и февруари 2022 година. Студиите вклучувале податоци за повеќе од 8.100 пациенти заразени со ковид. 65 отсто од студиите биле направени меѓу јануари и март 2020 година, а 76 отсто биле направени во Кина. Преостанатите доаѓале од Австралија, Франција, Индија, Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја и Виетнам.

Околу 84 отсто од студиите вклучувале пациенти заразени со немутираниот сој САРС-КоВ-2, додека 3,5 отсто ги анализирале пациентите заразени со повеќе соеви, а 7,7 отсто од студиите биле посветени на непознатите соеви. Меѓу сите студии, за 45 се сметало дека имаат јаки докази, 82 биле умерени, а 15 слаби.

Генерално, просечниот период на инкубација на сите варијанти на коронавирусот бил 6,5 дена, во распон од 1,8 до 18,8 дена. Меѓу лицата постари од 60 години, просечната инкубација траела 7,4 дена, додека кај децата просечниот период на инкубација бил 8,8 дена. Периодот на инкубација бил околу 7 дена кај оние со благи или умерени симптоми и 6,7 дена кај оние со потежок облик на инфекција.

Меѓутоа, просечните периоди на инкубација опаѓале со текот на времето и со секоја нова варијанта, откриле авторите на студијата.

-За алфа-сојот, обработуван во студија со 6.347 пациенти, периодот на инкубација бил околу 5 дена;
-За бета-варијантата, во студија со 10 пациенти, периодот на инкубацијата бил 4,5 дена;
-За делта-сојот, анализиран во 6 студии со 2.368 пациенти, периодот на инкубација бил 4,4 дена;
-За омикрон-варијантата, за која имало 5 студии со 829 пациенти, периодот на инкубација бил 3,42 дена.

- Резултатите од овие студии покажуваат дека САРС-КоВ-2 константно еволуирал и мутирал за време на пандемијата, создавајќи варијанти со различен засилен пренос и вируленца. Идентификувањето на периодот на инкубација на различни варијанти е клучен фактор во одредувањето на периодот на изолација - наведуваат авторите на студијата.

Анализите покажале дека ковид-19 има подолг период на инкубација од другите вирусни респираторни инфекции. Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите неодамна објави насоки во кои се вели дека блиските контакти на пациентите со ковид-19 не мораат да одат во карантин, туку да носат квалитетна маска 10 дена и да се тестираат 5 дена по изложувањето на вирусот. Заразените треба да се изолираат најмалку 5 дена по позитивен тест.

Но, врз основа на претпоставката дека периодот на инкубација на ковид-19 се движи од 1 до 14 дена, некои земји и СЗО и понатаму препорачуваат блиските контакти да се изолираат 14 дена.

Извор: eklinika
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје