Во овој текст Клеј Акерли, лекар од Вашингтон, пишува за неговото искуство со лекување пациенти со коронавирус и неговото мислење околу создавањето колективен имунитет. Ви го пренесуваме во целост:
- Чекај. Можам двапати да заболам од Ковид-19? - праша со неверување мојот 50-годишен пациент. Тоа беше на почетокот од јули и тој само што доби позитивен тест по вторпат - три месеци по претходната инфекција.
Иако сè уште има многу нешта што не ги сфаќаме околу имунитетот на оваа нова болест, мал, но сè поголем број случаи како неговиот сугерираат дека одговорот на прашањето на пациентот е „да“.
Ковид-19 исто така може да биде многу полош вториот пат. За време на првата инфекција мојот пациент имаше блага кашлица и суво грло. Но, втората инфекција беше обележана од висока температура, губење здив и хипоксија, што резултира со неколку посети на болницата.
Неодамнешни извештаи и разговори со колеги потврдуваат дека мојот пациент не е единствен. Двајца пациенти во Њу Џерси, на пример, изгледа дека по втор пат се заразиле со Ковид-19 по само два месеца откако целосно закрепнале од нивната прва инфекција.
Можно е, но не е веројатно, дека мојот пациент имал една инфекција што траела три месеци. Некои пациенти изгледа страдаат од непрекината инфекција и симптоми.
Сепак, мојот пациент ја исчисти инфекцијата - тој имаше два негативни ПЦР-теста по првата инфекција - и се чувствуваше здрав речиси шест недели.
Верувам дека е многу поверојатно пациентот целосно да закрепнал од првата инфекција, потоа да фатил Ковид-19 по втор пат откако бил со член на фамилијата заразен од вирусот. Тој не успеа да добие тест за антитела по првата инфекција, па не знаеме дали неговиот имунолошки систем создал ефективен одговор со антитела или не.
Без оглед на тоа, ограничените истражувања направени на оздравени пациенти покажуваат дека не сите пациенти развиваат антитела по инфекција. Некои пациенти, а особено оние што никогаш не развиваат симптоми, создаваат одговор со антитела веднаш по инфекцијата, но потоа тие исчезнуваат и тоа е прашање на сè поголема научна загриженост.
Дополнително, повторените инфекции за краток период се карактеристика на многу вируси, вклучително и други коронавируси. Па, ако некои пациенти со Ковид-19 повторно се заразат по второ изложување, не би било невообичаено.
Генерално, непознатите работи околу имунолошките одговори на САРС-Ков-2 моментално се помногубројни од познатите. Не знаеме колкав имунитет да очекуваме штом некој ќе се зарази, не знаеме колку време може да трае тој имунитет и не знаеме колку антитела се потребни за да се создаде ефективен одговор. И иако има некоја надеж во однос на клеточниот имунитет во отсуство на издржлив одговор со антитела, раните докази за второ заразување ја ставаат под знак прашалник и ефикасноста на овие имунолошки одговори.
Исто така, вознемирувачко е што случајот на мојот пациент и другите како неговиот можат да ја замаглат надежта за природен колективен имунитет. Колективниот имунитет зависи од теоријата дека нашите имунолошки системи, штом еднаш ќе бидат изложени на патоген, колективно ќе нè заштитат нас како заедница од ново заразување и понатамошно ширење.
Фото: Pixabay
Има неколку патишта за излез од оваа пандемија, вклучително и безбедни, ефикасни и достапни лекови и вакцини, како и колективен имунитет (или некоја комбинација).
Експертите генерално сметаат дека колективниот имунитет е најлошиот резервен план. Може да е потребно масовно заразување (а во случајот со Ковид-19 и масовно губење животи поради стапката на смртност на болеста) пред да дојде заштитата. Колективниот имунитет беше промовиран од експерти во Шведска и во Велика Британија на почетокот од пандемијата и тоа имаше деструктивни резултати.
Сепак, сонот за колективен имунитет и заштитата која заразувањето со Ковид-19 или позитивен тест за антитела ветуваат дека ќе ја обезбедат, почна да има ефект во јавноста. Со оглед на тоа што колективното резонирање го нема, надежта за преживување на инфекција со Ковид-19 е двојна: преживеаните да не се заразат повторно, ниту да претставуваат закана за заразување на нивните заедници, колеги и сакани.
Додека неодамнешните студии и извештаи веќе ја ставија под знак прашалник нашата способност за постигнување колективен имунитет, нашиот национален дискурс има имплицитна надеж дека е можен колективен имунитет. Во последните неколку недели водечки медицински експерти посочуваа дека моменталниот раст на заболени може да доведе до колективен имунитет до почетокот на идната година, а се пишуваат и оптимистички колумни.
Ова надежно мислење е штетно. Создава ризик од мотивирање на лошо однесување. Ретките, но загрижувачки „ковид-журки“ каде што луѓето се собираат за намерно да се заразат и големите собирања без маски се сметаат за еден од најбрзите начини за излегување од пандемијата, лично и како заедница. Наместо да се обидуваме да се исклучиме од научната реалност, мораме да ги прифатиме сè повеќето докази што ги оспоруваат овие идеи.
Јас мислам дека искуството на мојот пациент е предупредување на неколку фронта.
Прво, траекторијата на умерена почетна инфекција по која следува тешка нова инфекција посочува дека новиот коронавирус може да има исти тенденции како други вируси, како што е денга, каде што можете да бидете потешко болни секогаш кога ќе се разболите од таа болест.
Второ, покрај научните надежи за имунитет со антитела или клеточен имунитет, тешкотијата на второто заболување на мојот пациент покажува дека таквите одговори може и да не се толку робустни како што се надеваме.
Трето, многу луѓе може да станат помалку внимателни откако се заразиле зашто веруваат дека се имуни или дека не можат да придонесат за ширење. Како што демонстрира случајот на мојот пациент, овие претпоставки се ризик и за нивното здравје и за здравјето на оние околу нив.
Последно, ако новото заразување е можно во толку краток период, има импликации за ефикасноста и трајноста на вакцините развиени за борба со болеста.
Свесен сум дека мојот пациент е еден пример, но заедно со другите примери, издвоените примери како неговиот се предупредување за потенцијална шема. Ако мојот пациент всушност не е исклучок, туку го докажува правилото, тогаш многу луѓе би можеле да се заразат со Ковид-19 повеќе од еднаш и тоа со непредвидлива сериозност.
Без сигурност за личен имунитет или олеснување преку колективен имунитет, тешката работа на справување со оваа пандемија продолжува. Нашите напори мора да бидат нешто повеќе од едноставно чекање ефикасна терапија и вакцини. Тие мора да вклучат и континуирана превенција преку користење медицински докажани маски за лице, штитници за лице, миење на рацете и физичко дистанцирање, како и масовно тестирање, следење и изолација на нови случаи.
Ова е нова болест: стрмни се кривите што прикажуваат како се учи преку искуство и мораме да посветиме внимание на непријатните вистини додека се појавуваат. Природниот колективен имунитет речиси сигурно ни е надвор од домет. Не можеме да се надеваме во него.
Извор:
Vox
Насловна фотографија: Pixabay