X
 05.12.2021 Здравје

Во пресрет на ладното време и уринарните инфекции

Уринарните инфекции во есенско-зимскиот период се еден од почестите проблеми кај женската популација. Тие може да имаат бениген тек со добар одговор на суплементи, чаеви и секако антибиотска терапија, но може и да бидат асоцирани со значително нарушување на анатомијата и функцијата на уринарниот систем. 

Уринарните инфекции најчесто се локализирани на мочниот меур (цистит), но може да се јават и на погорните уринарни патишта - бубрезите (пиелонефрит), што претставува посериозна состојба.
Најчесто уринарните инфекции се предизвикани од бактерии. Најчести бактериски предизвикувачи детектирани во урогениталниот тракт се Escherichia coli (53%), Enterobacteriaceae (35%), Proteus (15%), Klebisella (14%) и Provientia (4%). Вирусни инфекции на мочен меур поретко се јавуваат. Габичните инфекции се јавуваат кај имунокомпромитирани состојби. 

Најчести симптоми што се јавуваат кај уринарните инфекции се болка и печење при мокрење, често мокрење, итност при мокрење, крв во урината, покачена температура, особено над 39 степени со треска, стомачна болка и како придружен симптом може да се јави и болка во половината. Мирисот и бојата на урината може да бидат променети, но не се сигурен знак за уринарна инфекција.

За дијагноза на уринарна инфекција, потребно е да се направи испитување на урина и инфламаторни маркери, анамнестичките податоци и наодот од физикалниот преглед. Уринокултурата е задолжителна при потврдување на дијагнозата и таа обезбедува точна бактериска причина, како и информации за осетливост кон антибиотици, што ни дава сигурност за успешно лекување на инфекцијата. 

Лекувањето на уринарната инфекција многу зависи од местото на инфекцијaта, од предизвикувачот и од општата состојба на пациентите. Антибиотската терапија што ја добивате по добиени резултати од уринокултура треба да се дополни со пробиотици и диететски суплементи како д-маноза, брусница, јава чај, морач, златница и сл. кои даваат голема помош кај уринарните инфекции. Природно решение за уринарните инфекции, како што се чести и повторувачки (рекурентни) уринарни инфекции предизвикани од Escherichia coli, е Д-манозата.

Д-манозата спаѓа во групата на едноставни шеќери и има состав сличен на глукозата, односно таа е изомер на глукозата. За разлика од глукозата, Д-манозата во организмот не се претвора во гликоген, и бидејќи таква во телото не може да биде присутна, брзо се излачува од организмот преку уринарниот тракт. Токму поради ова, можат да ја користат и дијабетичари, меѓутоа, треба да прават контрола на нивото на шеќер во крвта. 

Д-манозата дејствува на тој начин што се врзува за површинските рецептори на бактеријата Escherichia coli, со што се спречува нејзиното врзување за ѕидот на мочниот меур. Како резултат на тоа, бактериите може да се исфрлат од уринарните патишта преку урината, а овој процес се забрзува со внес на големи количини течности. Спречувањето на врзувањето на бактеријата за површината на клеточниот ѕид го намалува ризикот од развој на симптоматски уринарни инфекции бидејќи спречува колонизација на уринарниот тракт со бактерии и претставува еден од начините кои може да помогнат во превенција и ублажување на уринарни инфекции. Д-манозата има 10 пати појако дејство од брусницата. Особено се препорачува комбинација на антибиотик со Д-маноза бидејќи дополнително го заштитуваме уринарниот тракт и на тој начин се спречува повторно воспаление.

За постигнување максимален ефект, со примена на Д-маноза треба да се почне веќе при појава на првите симптоми на инфекцијата. По 45-60 минути по земањето на Д-манозата, треба да се земе поголема количина на течност.

Д-манозата може да користат и деца, бремени жени и доилки. Дијабетичарите може да ја користат Д-манозата со контрола на нивото на шеќер во крвта. Други битни препораки се одржувањето на хигиената во интимната зона со користење интимни гелови или кремови за интимна нега во комбинација, по можност да се користи памучна долна облека, доволно мирен сон и добро балансирана исхрана без зачини со соодветен внес на течности во текот на денот.

За крај имајте ги при рака секогаш овие природни производи и користете ги подолго време и по завршување на антибиотиците како терапија и како превенција од следни уринарни инфекции.

Автор: м-р ф-р Рина Шеји

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје